Високи 54% од испитаните млади во анкетата на „Аналитика тинк-тенк“ одговориле дека се соочиле со некаков облик на корупција, најчесто во образованието. Истражувањето било направено теренски, со испитување на околу 500 млади од 16 до 29 години, ученици во средно и студенти од факултет, од три региони во земјава, Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот. Од анкетираните млади, 51 отсто би пријавиле корупција ако постојат безбедни и доверливи механизми, што значи дека тие сакаат промени и бараат алатки за да дејствуваат.
Во секторот образование има различни коруптивни форми, кои студентите најчесто не се охрабруваат официјално да ги пријават, нудење или барање мито за поголема или преодна оценка е „традиционална“ форма на корупција која се провлекува со децении во високото образование. Еден од најчестите облици на корупција е и продажбата на книги, напишани од професори, кои бараат нивните студенти да им ги купат. Од студентските искуства повисоки се цените на книгите што се нудат на студентите на Правен и на Економски факултет.
Во рамките на проектот на „Аналитика тинк-тенк“ во партнерство со Организација на жени од Струмица и Иницијатива за граѓанска интеграција (ИГИ) – Гостивар, се креираше мобилна апликација „Глас против корупција” која им овозможува на младите полесно да препознаваат и да пријавуваат случаи на корупција. Таа нуди практични совети, информации и можност за анонимно пријавување.
Според наодите на истражувањето, младите најмалку доверба имаат во судството, политичките партии и во администрацијата. Само 8 % веруваат дека институциите навистина се борат против корупцијата, 69,6 % признале дека корупцијата ги демотивира и ја урива вербата во трудот и знаењето, а 70 % сметаат дека темата за корупција речиси и не постои во наставата.
Половина од анкетираните одговориле дека би пријавиле корупција доколку постојат безбедни и доверливи механизми. Маја Христовска од „Аналитика тинк-тенк“ изјави дека проектот се имплементирал шест месеци со цел да ја подигне свесноста меѓу младите за штетните влијанија и последици од корупцијата.
– Горди сме што овој проект ни овозможи да креираме и да пуштиме во употреба мобилна апликација која овозможува анонимно пријавување корупција, но содржи и едукативни материјали кои младите можат да ги користат во нивниот формален или неформален образовен систем – рече Христовска.
Анета Филипоска од ИГИ-Гостивар, партнер во проектот, рече дека охрабрувачки е фактот што половина од анкетираните млади изјавиле дека би пријавиле корупција.
– Токму затоа е креирана апликацијата, со директни линкови до Антикорупциската комисија и пријавувањето е анонимно. Таа е активна од денеска, се надеваме дека ќе биде функционална – додаде Филипоска.
Директорка на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, истакна дека за справување со корупцијата не се доволни закони и механизми, туку е потребно да се изгради свест затоа што „борбата со корупцијата е заедничка одговорност“.
– Сепак, искуството покажува дека антикорупциското образование не може да биде повремено или несистематски присутно во наставата. Тоа мора да стане континуиран процес што ги вклучува сите учесници – рече директорката на Бирото, додавајќи дека за таа цел се потребни обуки на наставниците и дополнителни образовни материјали и активности кои ќе ја направат темата разбирлива и блиска до младите.
Студентите можат да пријават корупција во Комисијата за спречување на корупција, како и кај студентскиот правобранител. (П.А.)