Половина милион евра чинат документите, кои не обезбедиле безбедност во сообраќајот

Само Косово е пред нас по бројот на жртви во сообраќајот

654

Потрошени милиони евра за безбедност во сообраќајот, а бројот на сообраќајќи со жртви е далеку од европскиот просек. Во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за безбедноста на сообраќајот на македонските патишта само се потврдува и оправдува револтот на граѓаните од институционалното непостапување. Надлежните ветуваат дека ќе се намали бројот на жртви во сообраќајот со проектот „Безбеден град“

Државата не води доволно сметка за безбедноста во сообраќајот, а бројот на несреќи со жртви е загрижувачки, во период од три години загинале 457 луѓе на патиштата во земјава, заклучиле ревизорите во извештајот „Безбедност на сообраќајот на патиштата“.

Во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 со потешки последици, а загинале 457 лица, се бројките што ги објавија од ДЗР и според кои, по бројот на жртви, пред нас е само Косово.

Брзото возење била најчеста причина за сообраќајките, немањето возачка дозвола – најчест прекршок, а загрижува и бројот на возачи што пијани седнале зад волан. По ваквите бројки, ревизорите го поставиле прашањето што го актуализираше јавноста по страшната сообраќајка во која загина младата Фросина, смрт што беше последица на сообраќајно дивеење на несовесен возач, а капак на сите претходни. Дали надлежните институции управуваат со безбедноста во сообраќајот на патиштата во државата на ефикасен начин?“ Одговорот до кој дошле ревизорите е дека мерките што се преземаат за намалување на жртвите во сообраќајните несреќи до посакуваната состојба на национално и на европско ниво, не се ефикасни. И не само тоа, биле трошени илјадници евра, пари од ЕУ и од Светска банка, за документи што требало, но не обезбедиле намалување на сообраќајките со жртви. Така, за национална транспортна стратегија, која, меѓу другото, требало да направи рехабилитација на црните точки на патиштата во земјава и нова национална стратегија за безбедност во сообраќајот, биле потрошени 210 000 евра. За друга стратегија за интелигентни транспортни системи, која треба да го дигитализира сообраќајот и со тоа да ја зајакне безбедноста, биле потрошени 288 000 евра или вкупно половина милион евра за двата документа, кои не направиле ништо за намалување на бројот на сообраќајки со жртви на патиштата.

– Ревизорите утврдиле бавна реализација на предвидените активности од двете национални стратегии, што, од своја страна, предизвикува продолжување на роковите, неефикасно користење на средствата, создавање нови трошоци и не овозможува постигнување на очекуваните ефекти за зголемување на безбедноста на патиштата и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви – пишува во соопштението на ДЗР.

По масовните протести за поголема казнивост за возачите и правда за жртвите во сообраќајот, Собранието организираше дебата и донесе заклучоци за измена на повеќе закони што го уредуваат сообраќајот. Но, она што требало да го направи уште пред пет години е да донесе национална стратегија за безбедност во сообраќајот. Иако постоела за периодот пред 2020 година, сепак никој од надлежните не гледал каде да се подобрат работите.

Колку се ангажирале институциите за намалување на сообраќајките

– Поради технички ограничувања на апликацијата за спроведени контроли, како и на внесување на географските координати на локацијата на сообраќајните незгоди, МВР не е во можност да ги користи како основ за планирање нови активности и креирање нови мерки за зголемување на ефикасноста на интервенциите на МВР – забележуваат ревизорите.

Полицијата, според ДЗР, иако треба по закон, нема регистар на возила и со тоа нема систем на контрола за тоа кои поминале технички преглед и регистрација. За потсетување, една од причините поради кои се случи тешката сообраќајка кај Ласкарци, каде што загинаа 16-мина патници, беше и техничкиот преглед на автобусот на „Дурмо турс“.

Заемот од 52 милиони евра од Светска банка што Јавното претпријатие за државни патишта, во 2014 година, го потрошил за подобрување на поврзаноста на патиштата и безбедноста во сообраќајот, не ги постигнал зацртаните цели, заклучува ревизорот. Телото за унапредување на сообраќајното образование и воспитување на учесниците во сообраќајот, РСБСП, троши милиони на кампањи, а не ги мери постигнатите ефекти. Проектот на Министерството за транспорт за поврзување на локалните патишта, кој имал цел да обезбеди поголема безбедност во сообраќајот, е одложен, а анализите покажале дека има висок степен на опасност на делниците, незадоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите, кои може да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици.

„Безбеден град“ се одложи за следната година

Иако беше најавуван дека ќе започне од годинава, проектот „Безбеден град“ се одложи за следната година, поради измени на законската регулатива. На скопските булевари веќе се поставуваат камери, кои ќе ги фотографираат сообраќајните прекршоци. Така, на местото каде што беше прегазена младата девојка, кај Универзална сала на булеварот „Партизанска“, поставени се четири камери, а покрај улицата засега има вкупно 22. Според законските измени, камерата ќе ги фотографира семафорот, регистарската табличка на возилото што го прави прекршокот, а во посебни случаи – и возачот. Известувањето и казната ќе стигнуваат по СМС-порака и електронска пошта. Со камерите најпрво ќе се покријат улиците на главниот град и автопатиштата, а потоа ќе се поставуваат и во другите градови. (П. А.)

Почина возач по удар во бандера

Дваесет и седумгодишен возач од скопско Студеничани починал на патот Драчево – Катланово откако удрил со возило „фолксваген бора“ во светлечки столб, па во ограда и на крај во бандера, која паднала врз него и го усмртила на место. Неговиот сопатник, 22-годишник, исто така од Студеничани, е повреден по несреќата.

– На 14.5.2025, околу 22:20 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на регионалниот пат Драчево – Катланово, во атарот на с. Морани, Скопско, патничко возило „фолксваген бора“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Ј. (27) од с. Студеничани, Скопско, удрило во рефлектирачко столпче на патот, ограда и во бандера, која паднала врз возилото. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт – информираат од МВР.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ