Половина метар гласачко ливче

Почна дистрибуцијата на изборниот материјал

1069

Освен по бројот на независни кандидати за градоначалници и нивните советнички листи, овие локални избори се поразлични од претходните и по должината на избирачкото ливче кое изнесува половина метар.

Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола каде се печатеше изборниот материјал, велат дека ова било една од најсложените постапки за печатење досега. Вчераутро со полициско обезбедување започна дистрибуцијата на гласачкиот материјал од печатницата до сите Општински изборни комисии во државата. Со камиони се транспортира доверливиот изборен материјал кој се состои од сите испечатени изводи на избирачките списоци, изводи на оригиналните обрасци односно засписници за секое избирачко место и секоја општинска комисија и сите гласачки ливчиња.

Дистрибуцијата ја вршат 17 тимови на Држаната изборна комисија (ДИК) со обезбедување од МВР. Испечатени се вкупно 4.613.438 гласачки ливчиња за цела држава, а тоа се ливчињата за градоначалници, советници, како и за гласачките ливчиња за Град Скопје, посебно за градоначалници и посебно за Совет на Град Скопје, посочи претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко.

„На овие избори ќе има 1.832.415 избирачи, 3.480 избирачки места, но ќе бидат отворени само 3.474 зашто во шест нема запишано гласачи, односно нема население.
-Локалните избори се најобемни избори и за овој вид на доверлив материјал се предвидени 48 милиони денари или околу 780 000 евра, но конечната сума ќе биде објавена подоцна во зависност од тоа на колку места ќе има гласање во вториот изборен круг“, изјави Кондарко.

Печатењето на изборниот материјал заврши два дена предвреме, од ДИК велат дека детално е проверен, обезбеден и соодветно спакуван и сортиран.

„Локалните избори се најсложената операција што се работи, но искуството од минаттото ни дава за право да кажеме дека го надминавме предизвикот успешно. Најсложени се бидејќи содржат 80 Општини, 80 листи како за градоначалник, така и за Совет и плус по 10 листи за градоначалник и Совет во Градот Скопје. Предизвик за печатење беше големината на гласачкото ливче вон стандардот што го работиме. Најдолгото ливче беше 500 милиметри, тие беа најголеми и најтешки за работа и манипулација“, рече Вангел Талевски, генерален менаџер на печатницата „Киро Дандаро“ во Битола.

Локалните избори ќе ги мониторираат околу 1400 лица, половина од нив се домашни, а половина се странски набљудувачи. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ