Извалкана скопска панорама деновиве ги пречекува жителите на метрополата кога излегуваат од дома. Дини од смет се создаваат од распосланото ѓубре покрај полните или заклучени контејнери на булеварите и поголемите улици. Возејќи се во преполните градски автобуси, нема човек а да не погледне кон ѓубрето што штрчи покрај улиците и да не прокоментира: „Ќе се заразиме“. Пешачењето станува небезбедно, ако тргнете пеш по тротоар на булеварот Теодосиј Гологанов ве пресретнува смет кој веќе почнал да прелева на улицата. Контејнерот поставен на пешачката зона граѓаните го заобиколуваат со страв да не наиде некој автомобил од зад грб.

Фото: П. Стојановски

Секојдневно жителите од сите скопските општини го возат комуналниот отпад во автомобилите и го фрлаат во првиот контејнер во кој останало уште малку слободен простор за полагање. Тоа е така бидејќи и зелените канти за отпад пред семејните куќи од споредните улички веќе месец дена не се празнат, иако за тоа се надлежни општинските власти. Состојбата ескалира неделава кога жителите на градот сведочат дека ниту еден камион од комунална хигиена не поминува да го собере ѓубрето.

„Камионите не излегуваат, ама инспекциските служби и институциите треба да влезат во комунална хигиена да се види која причината дали е штрајк или креатор на влијание или трето, има масовно загрозување на здравјето животот на луѓето,да се прогласи вонредна состојба и да се назначи управител до ставање под контрола состјбата. Да не се чека затоа што состојбата може да доведе до масовно загрозување на животите и животната средина на цело подрачје на град Скопје“ коментира скопјанецоте Ристо. Неговата сограѓанка Лиле, вели дека државата треба да се засрами „ Ова е злочин и спрема граѓаните и спрема угледот на државата“ револтирано коментира за весникот ВЕЧЕР.

Надлежни за собирање на градскиот смет е јавното претпријатие Комунална хигиена кое според извори од вработените, ако до пред недела дена контејнерите ги празнеле еднаш неделно, деновиве тоа не го прават воопшто.

„ Во моментов во функција е 10% од возниот парк на претпријатието, камионите не се серивисираат и се расипуваат, директорот тоа го знае ама ништо не се презема“, велат дел од вработените кој се сомневаат во креирана ситуација на несовесно енормно одлагање на отпад. Градски инспектори на терен нема, велат за весникот ВЕЧЕР граѓани кои неколкупати праќале иницијативи или преставки до Градот.

Директорот на Комунална Хигиена, кој е поставен од страна на Градоначалникот, е во своевиден клинч со Управниот одбор на претпријатието и досега според нашите информации нема ниту една набавка на возила за собирање на смет.

Градоначалничката во заминување Данела Арсовска која ја немаше подолго време, на социјалните мрежи го повика нејзиниот потенцијален наследник Орце Ѓорѓиевски за ѓубрето да се обрати кај претседателката на Управниот одбор на Комунална Хигиена, Јулијана Спировска од ВМРО ДПМНЕ.

„ Сега ќе го исчистеле за 72 часа, нормално дека ќе го исчистите затоа што од инат го правите хаосот. ВМРО и Вреди се власт во град Скопје 4 години, не дозволија нова механизација во Комунална хигиена, не дозволија да има вработени чистачи и управувачи со механизација“, обвини Арсовска.

Дел од кандидатите за градоначалници пак во изборниот вакуум од првиот до вториот круг ги засукаа ракавите и почнаа сами да го собираат ѓубрето.

Градоначалникот на општината Центар, Горан Герасимовски, соопшти дека испратил допис до ЗЕЛС за итна седница кадешто ќе се побара решение за проблемот.

„Ова ги надминува сите граници. Изминатите пет дена комуналното претпријатие воопшто не се појавува на улиците во Општина Центар и се соочуваме со огромни проблеми, а набрзо не дај боже и зарази, рече Герасимовски кој побара помош од неговите колеги,  камиони,  за да го расчистат сметот градското јадро.

И неговиот колега од Аеродром, Дејан Митески, беше на терен со механизацијата. Се дуваа паднатите лисја и се собираше кабаст отпад, а се празнеа и кантите за џебни отпадоци, но сега преполни и со ќеси со ѓубре.

„Полни усти ветувања, ама и полни раце од ќеси со ѓубре кои нема место каде да ги фрлиме“, жителите од скопските општини бараат итно решение на проблемот.

„ Ние граѓаните треба да ја тужиме Комунална,  плаќаме сметки, а тие не ни го собираат ѓубрето“, не пречека револтирана жителка на Карпош која тргнала да бара место во контејнерот, но си се врати со ѓубрето назад.

Од Здружението на млади правници кои имаат искуство со правни процеси поврзани со еколошки катастрофи велат дека граѓаните можат да пријават кај комуналните инспектори во Градот Скопје.

„Тие според Законот за комунални дејности и тој за управување со отпад се должни да вршат надзор над Јавното кумунално претпријатие, дали ја обезбедува услугата односно собирање на отпадот“, вели Бојан Трпевски од Млади правници и додава дека секој граѓанин може да поднесе тужба доколку претрпел штета од состојбата, но таа треба да ја докажува пред судот.

Кога весникот ВЕЧЕР ги праша од инспекторатот на Министерството за животна средина дали ќе постапуваат по настанатата ситуација со ѓубрето ни беше одговорено дека тие не биле надлежни за градскиот отпад, туку колегите од Градот Скопје. Дали ѓубрето кое по своите размери се граничи со вонредна состојба е заразно по јавното здравје, од ИЈЗ ни објаснија дека испитувале на барање на инспектори со примерок од местото за кое се има сомнеж дека има зараза.

Сепак, ненадлежноста помина во надлежност по итната владина седница во врска со проблемот со собирање и транспортирање на комуналниот отпад. Владата ги задолжи Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, согласно своите законски надлежности, веднаш да отпочнат со координиран вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје, со цел утврдување на состојбата со комуналниот и друг вид на отпад и преземање соодветни мерки и активности.

-Воедно, се задолжува и МВР, во соработка со надлежните институции, а се укажува на Град Скопје-Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на ЈП Комунална хигиена-Скопје и градоначалникот на Градот Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето. Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци на Владата, ги задолжи институциите Владата

Како и кој ја предизвика хаваријата со градското ѓубре, почна да истражува скопското јавно обвинителство. „ОЈО Скопје веќе постапува и собира докази за евентуално кривично дело. Јавниот обвинител издаде наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверка во однос на работењето ЈП „Комунална Хигиена“. Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонредни инспекциски надзор и да ја констатираат состојбата“, соопштија од ОЈО Скопје.

Екологисти за весникот ВЕЧЕР велат дека преполните канти и контејнери со отпад се идеално место за размножување на бактерии, инсекти и штетници, кои го зголемуваат ризикот од салмонела. Дополнително и тоа што уличните кучиња го разнесуваат отпадот од храна насекаде. Прелиениот отпад го загадува воздухот, и во време на вирусни инфекции може само да ги забрза респираторните заболувања. Понатаму, опасниот отпад од домаќинството, остатоци од бои, можат да бидат опасни за површинските води. Енормно наталоженото ѓубре е опасено и за работниците кои треба да го расчистат, доколку немаат соодветна заштитна облека може да предизвика инфекции, повреди од остар предмет, цревни инфекции пренесени од муви, предупредуваат екологистите.

Останува скопјани да живеат со градското ѓубре меѓу два мандати, и надежтта дека за 72 часа градот убав пак ќе никне… (П.А.)

Додека граѓаните се дават во ѓубре, комуналците си ги мерат платите со други препријатија

Во соопштението кое го испратија од Комунална Хигиена Скопје, ниту збор за тоа кога ќе го соберат наталоженото ѓубре во кое скопјани се дават со денови, туку за тоа колку им должи Министерството за здравство и дека нивните плати биле поредовни од оние на претпријатијата под контрола на ВМРО ДПМНЕ.

– Нашите вработени испорачуваат основни услуги за градот а сме постојано саботирани од луѓе од власта. Ние ги исплаќаме платите на време и ќе продолжиме да го правиме тоа. Апелираме до Министерството за здравство веднаш да го исплати долгот од 5 милиони евра, за да не може никаков надворешен притисок или политичка акција да ја загрози егзистенцијата на нашите вработени, стои во информацијата на КХС.

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ