– Нашата цел, светот да го види македонскиот балет, се оствари со гостувањата во Холандија и во Белгија. Со ова гостување, докажавме дека имаме креативен, технички и изведувачки капацитет да настапуваме и на светските сцени. Во текот на сезоната, очекуваме да реализираме уште гостувања надвор од нашата држава – вели Кире Павлов, генерален менаџер на Македонската опера и балет

 

Со извонредната изведба на безвременото дело „Лебедово езеро“ на Чајковски во „Тун Херманс театар“ во Ситард, на 14 октомври, македонскиот балет го започна успешното гостување по градовите во Холандија и во Белгија. Полните сали, бурните аплаузи и емоции беа доказ за квалитетот што ѝ го понудија македонските балетски уметници на публиката. Со четири изведби на претставата „Лебедово езеро“, во кое главната улога на Одета ја толкуваше нашата Марија Кичевска-Шокаровска, како и со една изведба на „Заспаната убавица“ со Наташа Трендафилова-Гицев во улогата на Аврора, балетот при Македонската опера и балет ја освои публиката, која аплаудираше на изведбата исполнета со емоција, дисциплина и со уметнички сјај.

– Нашата цел, светот да го види македонскиот балет, се оствари со гостувањата во Холандија и во Белгија. Со ова гостување, докажавме дека имаме креативен, технички и изведувачки капацитет да настапуваме и на светските сцени. Во текот на сезоната, очекуваме да реализираме уште гостувања надвор од нашата држава.

Во сите театри, салите беа преполни со публика, а аплаузот го докажуваше нашиот квалитет, кој публиката можеше да го види на сцената. На оваа турнеја, секој уметник се почувствува ценето, инспирирано и почитувано. Токму комуникацијата, трпението и тимскиот дух беа клучот на оваа успешна турнеја. Балетските уметници на сцената го дадоа својот максимум и беа вистински амбасадори на нашата држава. Тие претходно вложија многу часови труд и работа за публиката да ја види магијата на балетските претстави „Лебедово езеро“ и „Заспаната убавица“. Емоциите, ефектите и импресиите што ги предизвикавме кај публиката и полните сали, за нас, претставуваат најголемо достигнување – истакна Киро Павлов, генерален менаџер на Македонската опера и балет.

А, една навистина убава приказна, која го стави македонскиот балет рамо до рамо со врвните уметници на светската балетска сцена, се случи во Сидард, Мастрихт, Хазелт, Антверпен и во Гент.

Токму во Антверпен, Белгија, балетскиот ансамбл при МОБ ја заокружи својата турнеја со безвремената класика „Лебедово езеро“. Ова беше и магичен крај на патување исполнето со аплаузи, емоции и македонска уметност што ги освои европските сцени.

Балетот беше придружуван од Филхармонискиот оркестар на Молдавија, под диригентската палка на Михаил Агафита.

– Европската публика повторно ќе ја почувствува магијата на МОБ. Во октомври, балетските солисти и ансамблот гостуваа во Холандија и во Белгија, а во декември повторно ќе им ги донесат убавината и енергијата на македонскиот балет.

Овие настапи ја потврдуваат нашата мисија македонската уметност да биде видлива, почитувана и присутна на најреномираните европски сцени – додаде Павлов.

Инаку, во декември, македонскиот балет ќе гостува во градовите низ Холандија, Белгија и Германија. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ