Иако Кина веќе турка „мегавати“ со своите ултрабрзи полначи за електрични автомобили, во Европа продолжуваат напорите да се стигне до азискиот гигант. Благодарение на IONITY, наскоро ќе имаме пионерска технологија тука што значително ќе ги забрза процесите на полнење.
Добро знаеме дека Европската Унија е светлосни години зад Кина во однос на развојот на електрични возила и транзицијата кон овој тип возила, пишува Кликс.
Додека азискиот гигант речиси истовремено претстави три нови полначи што надминуваат 1.000 kW (1 MW) моќност, со BYD, Xpeng и Huawei како протагонисти, во Европа највисокиот стандард на патиштата едвај држи 350 kW моќност. Ова наскоро ќе се промени, бидејќи IONITY ќе биде тој што ќе ги започне работите со воведување нови полначи во својата мрежа. Тие се произведени од италијанската компанија Alpitronic, а достигнуваат моќност од еден мегават.
IONITY е еден од водечките оператори во секторот во Европа, со повеќе од 5.000 точки за полнење и поддржан од брендови како BMW, Volkswagen, Mercedes, Ford и Hyundai Group. Нивните најнови полначи ќе го доближат искуството со полнење за европските клиенти до она што веќе го уживаат во Кина.
До крајот на 2025 година, IONITY ќе ги инсталира првите полначи Alpitronic HYC 1000, кои достигнуваат моќност од 1 MW, но ќе овозможат полнење на електрични автомобили со максимална моќност до 600 kW. Значително подобрување во однос на нивните најдобри полначи досега, кои се 350 kW.
Овие полначи се состојат од кабинет за напојување кој може да испорача 1.000 kW моќност. Сепак, оваа моќност може да се дистрибуира за истовремено полнење до осум електрични возила.
Сепак, едно нешто што треба да се има предвид е дека ниедно електрично возило во Европа не може да достигне дури ни 600 kW моќност на полнење. Во пракса, новите полначи на IONITY можат да додадат 300 километри домет на одредени батерии на електрични автомобили за помалку од 8 минути, што го прави времето на чекање речиси идентично со полнењето гориво кај автомобилите со мотор со внатрешно согорување.