Земјите од Европската Унија (ЕУ) имаат пет години да се подготват за војна, според воениот план што Европската комисија треба да го презентира денес, а до кој дојде бриселски Политико.
„До 2030 година, на Европа ѝ е потребен доволно силен европски одбранбен систем за веродостојно да ги одврати своите противници и да одговори на каква било агресија“, се наведува во нацрт-планот.
Планот требаше да биде разгледан од министрите за одбрана доцна синоќа пред да биде презентиран пред комесарите денеска. Планот ќе биде испратен до лидерите на ЕУ следната недела.
Планот за одбранбена подготвеност за 2030 година е знак за растечката улога на ЕУ во воените работи, реакција на војната на рускиот претседател Владимир Путин против Украина и нејасната посветеност на американскиот претседател Доналд Трамп кон европската безбедност, објавува бриселскиот портал.
„Милитаризирана Русија претставува континуирана закана за европската безбедност во догледна иднина“, се вели во документот, првпат објавен од Блумберг.
Иако земјите од ЕУ брзо ги зголемуваат своите буџети за одбрана, голем дел од тие трошоци „останува претежно национални, што доведува до фрагментација, инфлација на трошоците и недостаток на интероперабилност“, се вели во документот од 16 страници.
Извршната власт на ЕУ ги охрабрува земјите-членки да купуваат оружје заедно и сака најмалку 40 проценти од купувањата на одбранбена опрема да бидат заеднички договори до крајот на 2027 година.
Мапата на планот, исто така, поставува цели најмалку 55 проценти од купувањата на оружје да доаѓаат од компании од ЕУ и Украина до 2028 година и најмалку 60 проценти до 2030 година.