Политиката не е машка тврдина – жените во политичка офанзива

Сè повеќе жени во Македонија одлучуваат храбро да влезат во политиката, надминувајќи ги традиционалните бариери и предрасуди. Нивната вклученост не е само формална, туку суштинска – тие носат нова енергија, емпатија и практични решенија за локалните заедници. Преку искуството од образованието, социјалната грижа и економијата, тие покажуваат дека знаат и умеат да менаџираат ресурси, да слушаат и да дејствуваат. И покрај законските квоти, жените сè уште се недоволно застапени на извршни позиции, што отвора прашања за реалната родова еднаквост во политиката. Но токму нивната појава, работа и посветеност ја будат довербата на граѓаните и ја менуваат перцепцијата за женското лидерство. На претстојните локални избори, има жени кандидатки кои не се задоволуваат со квоти, туку бараат реално влијание во креирањето политики и одлуки што директно го засегаат секојдневието на граѓаните. Такви примери се кандидатката за градоначалничка на Демир Капија од ВМРО-ДПМНЕ, Наталија Димитриева и проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, која е втора на листата за советници за Град Скопје од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија

25

Иако политиката сè уште важи за машки свет, сè повеќе жени во Македонија ја прифаќаат оваа битка и храбро влегуваат во политичката арена, и тоа не како статистички бројки, туку како вистински носители на промени. Во држава со традиционално гласачко тело, каде и натаму доминираат машки кандидати за извршни позиции, нивната кандидатура е повеќе од симболичен чекор – таа е отворена порака дека жените не само што припаѓаат во политиката туку и можат да носат одлуки со етика, емпатија и практичност. Тоа се жени со визија, искуство и силен мотив да создадат подобри услови за живот во своите заедници.

На претстојните локални избори има примери на жени кандидатки кои не се задоволуваат со квоти, туку бараат реално влијание во креирањето политики и одлуки што директно го засегаат секојдневието на граѓаните.

Кандидатката за градоначалничка на Демир Капија од ВМРО-ДПМНЕ, Наталија Димитриева и Билјана Андреска-Богдановска, која е втора на листата за советници за Град Скопје од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, се дел од политички активните жени кои јавно и аргументирано ги изнесуваат своите приоритети – од подобра инфраструктура, преку економски развој, до квалитетно образование и грижа за ранливите групи.

Движечка сила со позитивна енергија

И Димитриева и Андреска-Богдановска сметаат дека жените се движечка сила во општеството и политиката и носат поинаква, позитивна енергија. Димитриева, со своето долгогодишно искуство како воспитувач и раководител на детска градинка го претставува гласот на локалната заедница што длабоко ја познава. Нејзината визија за Демир Капија е јасна: модерна, организирана и зелена општина, насочена кон развој на туризмот и земјоделството, како и поддршка на младите и социјално ранливите категории.

Наталија Димитриева: Женската емпатија е клучна во локалното управување

– Жените се движечка сила во општеството и во политиката, лидерки во секоја област, директорки во големи компании, во институции, па и домаќинки во своите семејства. Жените одамна ја докажале својата способност да се носат со предизвици, да бидат организатори, преговарачи и пред сè, лидери. Ѝ благодарам на мојата матична партија за довербата што ми ја даде да бидам кандидат за Градоначалник на општина Демир Капија и на претседателот Христијан Мицкоски за поддршката. Оваа доверба за мене не е само признание туку и обврска да ја изградиме општина Демир Капија како што заслужува. Мојата животна приказна е поврзана со Демир Капија, местото каде што пораснав, каде што ги поминав моите училишни денови и каде што ја оформив мојата професионална личност. Во изминатите години работев со најмладите генерации како воспитувач и раководител на детската градинка и секојдневно ја чувствувам одговорноста за иднината што ја градиме заедно. Денес со уште поголема решителност ја преземам задачата да се борам за општина Демир Капија да биде модерна, организирана и атрактивна за живеење и за работа. Моја најголема амбиција е Демир Капија да стане општина во која сите ќе се чувствуваме горди што живееме. Демир Капија да биде општина на сите свои луѓе, место на култура и иднина, општина која инспирира со своето зеленило и улици полни со живот. Туризмот и земјоделството ќе бидат нашите клучни двигатели – со јасна стратегија за нивни развој, со нови инвестиции и со создавање можности за младите да ја гледаат својата иднина токму тука, вели таа во изјава за весникот ВЕЧЕР, објаснувајќи што ја охрабрило да влезе во политиката.

Димитриева нагласува дека жените имаат сензибилитет и емпатија кои се клучни во локалното управување.

– Верувам дека жените имаат своја уникатна перспектива, особено кога станува збор за теми кои се поврзани со грижата за децата, здравството, образованието, старите лица и родовата еднаквост. Жените имаат силен сензибилитет за потребите на заедницата и се водат од емпатија и практичност, а токму тоа е она што му треба на локалното управување.

Таа посочува дека доколку стане градоначалник, нејзиниот фокус ќе биде насочен на модерна, функционална, граѓанска и ориентирана локална самоуправа, инфраструктурата и урбано уредување.

– Асфалтирање, реконструкција на локални патишта, поддршка на младите и образованието, подобрување на условите во училиштата, бесплатен оброк на учениците од социјално-ранливите категории, бесплатени курсеви по странски јазик за децата од социјално-ранливите категории, изградба на сензорна соба за деца со пречки во развојот во склоп на училиштето, стипендии на ученици и студенти, решавање на проблемите со водоснабдувањето, здравствена и примарна заштита на населението во руралните средини, односно отворање на амбуланта каде што ќе ги посетува лекар еднаш до двапати неделно, заштита на животната средина, уредување на паркови и зелени површини. Време е да покажеме дека сме подготвени за суштинска промена преку дела, а не само со зборови. Како градоначалник ќе се залагам да бидам мост помеѓу граѓаните и институциите, вели кандидатката за градоначалничка на Демир Капија од ВМРО-ДПМНЕ, Наталија Димитриева.

Мудри и трајни решенија за здраво и демократско општество

Андреска-Богдановска, втора на листата за советници за Град Скопје од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, доаѓа од академскиот свет и е доктор на економски науки со богато искуство во високото образование и во менаџментот. Таа се приклучи во политиката водена од лична мотивација – желбата да остави подобра иднина за децата и да ја врати довербата кај младите во животот во Македонија. Во фокусот на нејзиниот иден ангажман, доколку влезе во Советот на Град Скопје, се јавниот превоз, управувањето со отпад, економскиот развој и поддршката за претприемништвото.

Билјана Андреска-Богдановска: Жените во политиката носат позитивни промени

– Низ годиниве, додека ја градев мојата професионална кариера во делот на високото образование, бев целосно посветена да дејствувам единствено во овој домен. Мојот покоен татко, проф. д-р Бојо Андрески, основоположникот на приватното високо образование во Македонија, покрај целото негово огромно искуство и огромна визија со кои растев и се надградував во еден пократок период од животот, беше активен на политичката сцена и можеби уште од тоа време кај мене се роди една желба која ме охрабри да го продолжам неговиот пат во обид да се вклучам во политичко движење. Долго време мојот фокус беше насочен кон професионална надградба и менаџирање на работата на Европскиот универзитет, грижа за вработените и грижа за студентите кои низ годините ја даваа нивната доверба како и силните обиди за интернационализација на работењето, вели таа одговарајќи што ја охрабрило да влезе во политиката која во нашето традиционално општество важи за машки свет.

– Истовремено, животот ми ја донесе мојата најзначајна улога на сопруга и мајка на 5 деца, посветено градење на стабилно семејство со вистински вредности, која била и ќе остане мојата најголема заложба. Лично за мене се почнува од семејството. Здраво семејство носи и здраво општество. Мојот најсилен поттик и најголем мотив да влезам во политиката е токму искрената намера и силната желба со личен ангажман да се обидам да придонесам да создадеме едно посилно општество и една посветла иднина за нашите деца и за идните генерации. Многу жалам што толку млади луѓе не ја видоа перспективата да живеат и да творат овде на нашето тло и заминаа надвор со верба за една посветла иднина. Би сакала во иднина да го намалиме овој тренд и да ја вратиме довербата кај сограѓаните. Тоа е мојот најголем личен мотив зошто се одлучив да влезам во политика, додава Андреска-Богдановска во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Таа истакнува дека верува оти жените во политиката носат една поинаква, позитивна енергија и позитивна промена која, пред сè, доаѓа од големата одговорност и посветеност кои се темел на опстојувањето на секоја жена. А системско и темелно решавање на проблемите и процесите и изнаоѓање на вистински, мудри и трајни решенија, според неа, е основата за градење на едно здраво и демократско општество.

Андреска-Богдановска вели дека во политичккот движење ЗНАМ – За наша Македонија препознала нова енергија, луѓе кои имаат личен интегритет, луѓе со чесен и искрен пристап.

– Се приклучив во една тимска работа заедно со моите сопартијци да придонесеме за град во кој сите генерации ќе имаат квалитетен и достоинствен живот. Моето професионално искуство како доктор на економски науки ме обврзува да се залагам за рационално и ефикасно управување со градските ресурси и буџет, со најголем фокус на јавниот интерес. Верувам дека транспарентноста и одговорноста во одлуките на Советот се клучни за довербата на граѓаните. Во Советот на Град Скопје ќе работам на модернизирање на јавниот превоз и подобро управување со отпадот бидејќи тоа директно влијае и врз квалитетот на животот и врз економијата на градот. Ќе се залагам за почиста и поздрава животна средина, но и за уредени јавни простори – паркови, детски игралишта и спортски терени – кои ја зајакнуваат социјалната кохезија и создаваат услови за подобро секојдневие, истакнува таа,

Додава и дека е особено важно и економското зајакнување на Скопје.

– Локалниот економски развој и развојот на туризмот мора да биде приоритет: преку поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на младинското и семејното претприемништво, подобрување на туристичката понуда, но и создавање политики за нови работни места и задржување на младите во градот. Економски силно Скопје значи и посилен социјален и културен живот.

Воедно, ќе поддржувам културни и образовни иницијативи, затоа што тие ја градат иднината и ја зацврстуваат уникатноста на нашиот град. За мене, Скопје мора да биде град со еднакви можности – за младите кои ја бараат својата иднина тука, за семејствата кои сакаат безбедно и достоинствено секојдневие и за пензионерите кои заслужуваат спокојни пензионерски денови. Верувам во чесна и позитивна политика, а мојата цел е да придонесам за современо, функционално и економски одржливо Скопје со коe сите ќе се гордееме, истакнува проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, која е на листата за советници за Град Скопје од движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

МН: Повеќе жени во политиката – поголема доверба кај граѓаните

Иако Македонија има законска обврска за 40% родова застапеност на советничките листи, реалната положба на жените во политиката останува проблематична – посебно кога станува збор за повисоки извршни позиции. И на советничките листи, жените честопати се ставаат на позиции на кои е мала веројатноста дека ќе влезат, а кандидатките за градоначалнички се бројно помалку – факт кој го потврди и поранешната министерка и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска.

Славјанка Петровска: Колку сме побројни толку повеќе можеме да направиме за граѓаните и за државата

– Жените во политиката можат да направат многу повеќе за граѓаните и за државата, доколку се побројни. Ме радува тоа што одамна ги прескокнавме бариерите и ги надминавме сфаќањата дека политиката е машки свет. Им благодарам на сите храбри жени кои во годините по осамостојувањето на Македонија, засукаа ракави и влегоа во политиката и покажаа дека не сме само бројка или квота, туку дека сме мудрост и упорност која носи резултати. Лично, генерално не сум задоволна од застапеноста на жените како кандидати за градоначалнички, но од друга страна, пак, горда сум што СДСМ повторно има поголем број кандидатки. За овие локални избори посакувам да победат жените со интегритет, капацитет и визија за поубави, поздрави и развиени средини во кои живееме, вели Петровска во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Според Европската комисија, токму поголемото учество на жените во политиката резултира со потранспарентни институции, поефикасни политики за социјален развој и зголемена доверба кај граѓаните. Прашањето е: дали и колку граѓаните и партиите во Македонија навистина веруваат во жените политичарки? И зошто, и покрај добрите примери, сè уште постои отпор, скепса или ниска застапеност на жените во носењето одлуки?

Во контекст на европските стандарди, ЕУ постави јасни цели за зголемување на бројот на жени во политичките и извршните функции. Во земјава, за локалните избори не постојат квоти за кандидати за градоначалници, додека, пак, за советничките листи треба да се испочитува правична родова застапеност. Од 2015 година, таа квота за застапеност на жените во кандидатските листи е зголемена на 40%, што значи дека најмалку 40% од кандидатите на изборните листи треба да бидат жени, со што се прави чекор кон унапредување на родовата еднаквост во политичката сфера. Сепак, и покрај овие квоти, забележливо е дека нивната имплементација не гарантира секогаш ефективно учество на жените во носењето одлуки. Иако на изборните листи има номинирани жени, честопати тие се поставени на позиции со помала веројатност за избор, што ја ограничува нивната реална застапеност. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ