Ниту по средбата меѓу премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, нема јасна слика дали ќе остане Таравари или ќе си оди од владејачката коалиција. Разговорот, според двете страни, поминал во конструктивен дух, но без конкретна одлука. И покрај средбата и јасните пораки од Мицкоски, Алијанса за Албанците сè уште не ја соопштила својата конечна одлука. Разговорите продолжуваат, а до крајот на мај ќе се знае дали Таравари и неговата партија ќе останат во Владата или ќе се приклонат кон опозицијата. До крајот на овој месец, исто така ќе се финализираат и внатрепартиските анкети и ќе се знае која партија со кои имиња ќе „трча“ на локалните избори во октомври.
Разединувањето во владејачката коалиција од албанскиот политички блок им даде ветер в грб на опозиционерите од „Европскиот фронт“, кои од првиот момент кога останаа надвор од Владата, порачуваат дека тие се легитимниот застапник на етничките Албанци во Македонија.
Европскиот фронт бара предвремени избори
Пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, кое е дел од „Европскиот фронт“, вчера, на прес-конференција, изјави дека владејачкото мнозинство има речиси 80 пратеници, но, според него, тоа е „коалиција меѓу мајсторот и чиракот“, алудирајќи на нерамноправноста и нестабилноста во коалицијата. Мурати рече дека тие се отворени за соработка со сите субјекти во земјава и дека со случувањата во коалицијата „Вреди“ се докажало дека тие немаат легитимитет, односно дека „Европскиот фронт“ е победник и на претседателските и на парламентарните избори.
– Се докажа дека преголемата моќ на власта не носи благосостојба во државата. Ја гледаме внатрешната хармонија, односите со соседите, евроатлантските аспирации, слободата на медиумите… Имаат речиси 80 пратеници и воспоставиле коалиција меѓу мајсторот и чиракот. Тие знаат дека самиот Арбен Таравари призна дека 70 % од гласачите немаат доверба во нив и дека не се ценети во нивните коалициски редови – изјави пратеникот Мурати.
Според него, Mакедонија ќе влезе во подлабока политичка криза и тие, како коалиција, бараат предвремени парламентарни избори. Вели дека не сакаат да бидат дел од власта по секоја цена и демантира дека размислувал да премине во владејачката коалиција, по шпекулациите и изјавите од политичари од власта дека пратеници што се дел од „Европскиот фронт“ пријавиле интерес да бидат дел од парламентарното мнозинство.
Пред средбата во понеделникот, премиерот Мицкоски порача дека очекува Таравари да се изјасни дали ќе остане на страната на реформите и промените што ги нуди Владата или ќе избере соработка со ДУИ.
– Според мене, има две опции за избор. Едната е оваа што ја нуди оваа Влада на реформи, на промени, на испорака за граѓаните, а другата е онаа што ја криминализираше државата со години… Тоа е изборот, нема трета опција – изјави Мицкоски, додавајќи дека нема да моли никого и дека Владата е стабилна со или без Таравари.
Арбен Таравари, пак, пред средбата, потврди дека Алијанса за Албанците останува на одлуката да настапи со свои советнички листи и кандидати за градоначалници на локалните избори, но дека ќе го слушне и ставот на премиерот, по што ќе процени како ќе продолжи понатаму.
– Тоа сме го поминале на Претседателството, дека Алијанса за Албанците ќе има посебни советнички листи и, најверојатно, сопствени кандидати за градоначалници во општините каде што излегуваме. Така што ќе го слушнеме и премиерот и потоа ќе процениме како ќе продолжиме понатаму – рече Таравари.
Локалните избори како тест
Извори за весникот ВЕЧЕР велат дека се комотни на „Илинденска“, затоа што, од една страна, не сите членови и пратеници од крилото на Арбен Таравари ја поддржуваат неговата одлука за отцепување и нема да заминат заедно со него, а, од друга страна, владината коалиција се потпира и на наводно прелевање пратеници од „Европскиот фронт“, за што неколку пати владини претставници изјавија дека неофицијално владината коалиција во Собранието брои повеќе членови од официјално изјаснетите.
Дел од аналитичарите сметаат дека ќе се преземат конкретни политички чекори по локалните избори. Во телевизиско гостување на телевизија „Телма“, политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски рече дека по локалните ќе се знае дали ќе направи Таравари нова партија „опонент“ на ДУИ и на „Вреди“, додека Петар Арсовски посочи дека премиерот Мицкоски е комотен и ќе ја гради стратегијата врз основа на исходот од локалните избори. Според Арсовски, парламентарните избори, можеби, се на маса, а концептот „Пржинска влада“ сè уште постои.
Несогласувањата во албанската владина коалиција кулминираа по објавата на Таравари за настап со посебни советнички листи на локалните избори, поради што неговите партнери од коалицијата „Вреди“, Алтернатива, Беса и Демократското движење, обвинија дека преговара со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и дека самиот се исклучил од „Вреди“. Таравари не учествуваше на состанокот на Алтернатива, Беса и на Демократското движење, на кој објавија дека коалицијата ќе дејствува како еден политички субјект.
Лидерот на интегративците, Али Ахмети, деновиве не одговори конкретно дали има некаков договор со Таравари за локалните избори, туку рече дека во текот на неделава ќе бидат повикани сите органи на партијата и ќе бидат разгледани сите прашања. Ахмети рече дека ДУИ го цени „храбриот чекор на Таравари“, бидејќи тој многу порано сфатил дека оваа Влада е антиалбанска.
Најавите за излегување на Таравари од владејачката коалиција отвори дискусија за евентуални предвремени парламентари избори заедно со локалните или, евентуално, напролет. На оваа тема, на новинарско прашање, свој став изнесе и претседателката Гордана Сиљановска- Давкова, која смета дека нема потреба од предвремени избори, затоа што се потребни такви избори во услови на парализирани институции, кога не можат да функционираат или кога владејачкото мнозинството е на границата на потребните 61.
– Да, има проблеми, но институциите се справуваат со нив. Ќе има редовни локални избори, кои го отсликуваат расположението на граѓаните. Понекогаш се лакмус за тестирање и на успешноста на власта, но апсолутно нема потреба од парламентарни избори – рече Сиљановска-Давкова и додаде дека истите оние што сега повикуваат на предвремени избори беа најголемите противници за предвремени избори кога навистина имаше причина за тоа. (В.С.Н.)