Политичката карта во Бугарија се редефинира – ќе има ли промени во односите со Македонија?!

789

Нема драстична промена во политичката сцена во Бугарија, но последната анкета на Галуп што ја објавија бугарските медиуми бележи пад на проевропската ПП-ДБ, по претходно забележаниот пад на поддршката на бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова. ГЕРБ-СДС останува најсилна партија со стабилна и значајна поддршка од 25,7%. Тоа покажува дека владејачката политичка сила има конзистентна база, без значајни осцилации. Второто место го зазема ДПС – Нов почеток со 17,6%, а на трето место е националистичката Преродба со 13,2%, што е раст за околу два проценти за разлика од претходните месеци. Од друга страна, проевропската коалиција ПП-ДБ (Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија) падна на 12,6%. Овие резултати, иако претставуваат внатрешнополитичко огледало на Бугарија, директно можат да влијаат врз односите меѓу Софија и Скопје, особено околу прашањето за уставните измени во земјава. Ваквата поставеност на политичката поддршка во Бугарија, за земјава би значела дека притисокот околу уставните измени нема да ослаби, а политичката калкулација во Софија ќе остане одлучувачки фактор за европската иднина на земјава.

ГЕРБ-СДС, партијата на Бојко Борисов, традиционално го застапува ставот на поддршка на европскиот пат на Македонија, но под строги услови за имплементација на Договорот за добрососедство и вметнување на Бугарите во Преамбулата од македонскиот Устав. Со нивното водство, се очекува Софија да остане на истата линија: формална поддршка, но со висок праг на очекувања.

Во исто време, национализмот останува фактор преку Преродба. Оваа партија и натаму претставува најгласниот противник на проширување на ЕУ со Македонија, користејќи ги историјата и етничките теми како основа за политичка мобилизација. Иако не е директно во власта, силната поддршка на оваа партија влијае врз јавниот дискурс и врз тврдите ставови на другите партии, вклучувајќи ја тука и ГЕРБ, за да не изгубат гласачи во десниот спектар.

Новото раководство на ДПС – Нов почеток, пак, кое се консолидира по внатрепартискиот конфликт, ја позиционира оваа партија како втора политичка сила. ДПС традиционално одржува поумерени тонови во односите со Скопје, па може да се очекува дека со стабилизацијата на оваа партија е можен поголем простор за прагматичен пристап кон билатералните прашања.

ПП-ДБ, коалицијата која важи за симбол на проевропски и реформски вредности, бележи пад во рејтингот, што ги намалува шансите за понуда на пофлексибилен дискурс кон Македонија.

Бугарската новинска агенција БГНЕС денеска ги објави резултатите од анкетата на Галуп и нагласи дека има пад на довербата кај бугарските граѓани и во претседателот Румен Радев (на 38,7%) и на потпретседателката Илијана Јотова на 29%. Иако премиерот Жељазков добива умерено зголемување на поддршката (27,4%), политичката фрагментација може да доведе до неконзистентност во надворешната политика – што директно ќе влијае на прашањето за евроинтеграцијата на Македонија. Се поставува и прашањето дали по падот на довербата, Радев и Јотова ќе си го јакнат рејтингот со остра реторика кон Македонија.

Според анкетата на Галуп што ја пренесе БГНЕС, сè уште најголема доверба ужива лидерот на ГЕРБ и експремиер Бојко Борисов – 22,5%, Костадин Костадинов (Преродба) – 17,1%, Дељан Пеевски (ДПС – Нов Почеток) – 16,5%, поранешниот член на Продолжуваме со промените, сега независен Радостин Василев – 14,8%, Слави Трифонов (Има таков народ) – 13,4%. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ