Политичка гилотина без правни последици?!

Собранието ја изгласа интерпелацијата за обвинителот Љупчо Коцевски

258

Собранието ја прифати интерпелацијата за државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Вкупно гласаа 71 пратеник, сите гласаа „за“, немаше против, ниту воздржани. Претходно, пратеничката група на СДСМ ја напушти седницата бидејќи интерпелацијата немала правни последици.

По две паузи од по еден час и процедурални префрлања помеѓу власта и опозицијата, започна собраниската седница на која се дискутираше за интерпелацијата на Државниот обвинител Љупчо Коцевски поднесена од пратеничката група на Левица. Неколкумина пратеници беа пријавени за збор, на листата изостанаа од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, а координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој беше првопријавен, рече дека нема да ја поддржат интерпелацијата бидејќи немала правни последици.

– Му порачуваме на јавниот обвинител Коцевски, ние сме ви дале доверба заради биографијата, но ве критикуваме поради некои постапки. Го водите најтешкиот предмет и очекуваме неселективна правда, од вас зависи дали ќе бидете со штитот или на него. СДСМ нема да учествува во одлука која нема правни последици, кажа Митревски по што пратеничката група ја напушти седницата.

Пред започнување на собраниската седница, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од прес-центарот рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата за јавниот обвинител, иако иницијативата доаѓа од партијата Левица и во неа стои дека ги поштедил кадрите на оваа партија од истрагата за Кочани.

– На државата ѝ треба независен, функционален и храбар обвинител, кој нема да молчи пред очигледен криминал, нема да трепери пред политички притисок и нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата, рече Мицевски во образложението на ставот. Според него, поддршката што ја добил Коцевски не ја оправдал и место реформа покажал сервилност кон власта што била поразена од народот. Но, што доколку Коцевски не замине од функцијата ако биде изгласана интерпелација? Од најголемата владејачка партија засега немаат одговор. „Да почекаме да помине првин интерпелацијата, па дополнително ќе имаме став по оваа работа. Секако, ќе биде согласно со законите и процедурите што постојат во државата“, рече Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Коцевски на чело на Јавното обвинителство е од февруари 2024, на функцијата беше избран кога мнозинството во парламентот го имаше претходната власт – коалициите на СДСМ и ДУИ. Тој не присуствуваше на седницата на која се расправаше за неговата одговорност. Преку јавно писмо пред една недела им порача на пратениците дека интерпелацијата е неуставна и е упад во правосудниот систем.

„Постапката за одговорност на јавниот обвинител на Република Северна Македонија е уредена со lex specialis, односно, со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. Тоа е така за да се гарантира функцијата на јавниот обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на оваа интерпелација ѝ се дава третман како и на секоја друга ваква постапка за одговорност на политички функционер, што во основа покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт“, наведува Коцевски.

Од говорницата на ова му реплицираше претседателот на Левица, чија пратеничка група ја поднесе интерпелацијата. Димитар Апасиев професорски го подучи обвинителот дека не е трета власт, туку странка во постапката. Во своето образложение за интерпелацијата, Апасиев забележува дека дури 95% од обвиненијата поминуваат на суд, а тоа било така бидејќи судско-обвинителските кадри се едуцираат во иста Академија. Се повика на членот 27 од Законот за ЈО каде стои дека Државниот обвинител е одговорен за општата состојба и одговара пред Собранието.

– Имаме пад од 12 места на скалата за борба против корупцијата според „Транспаренси“, во извештајот на ЕК стои дека постојат системски шеми во корупцијата. Во однос на Кочани, обвинението за Тешки дела против општата сигурност се сомневам дека ќе падне на суд, како може некој што земал мито да го товарите за ова кривично дело, праша Апасиев и обвини за политички договор помеѓу премиерот и обвинителот, запирање на постапката за разрешување во замена за негонење на лица од источна Македонија кои, како што кажа, им ги воделе нечесните работи на ВМРО-ДПМНЕ. Предлогот Левица го објасни во четири клучни точки: Селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани; Политички влијанија врз работата на Јавното обвинителство; Функционален хаос во Вишото јавно обвинителство – Скопје; и Непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје.

Интерпелацијата ја подржаа од коалицијата„ Европски фронт“ на чело со ДУИ, пратеникот Скендер Реџепи обвини за политичко пазарење во случајот Кочани.

Ако се земе предвид одговорот на Коцевски во пресрет на седницата дека интерпелацијата е незаконска и претставува атак врз работата на обвинителството, тогаш е извесно дека нема сам да си поднесе оставка. Опозициската Левица во писмениот предлог до Собранието за интерпелацијата за Коцевски наведува дека во период од повеќе од една година – колку што е тој на функцијата, Јавното обвинителство го следеле афери, односно, „одолговлекување на постапки, непостапување од страна на јавни обвинители, суспендирање на виш јавен обвинител, сомнителен избор на виш јавен обвинител, селективни истраги и предистраги што сериозно ја поткопало довербата на граѓаните во институцијата“. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ