Апостолос Везиропулос, поранешен заменик-министер за финансии на Грција и актуелен генерален секретар на парламентарната група на Нова демократија, почина ненадејно на 59-годишна возраст откако доживеа срцев удар на плажа на Халкидики.
Според грчките медиуми, на Везиропулос му се слошило во саботата, и иако брзо пристигнала брза помош и го пренела во медицинскиот центар „Агиос Николаос“, лекарите не можеле да го спасат.
Везиропулос беше долгогодишен пратеник од Иматија и од април оваа година беше генерален секретар на парламентарната група на Нова демократија. Претходно беше претседател на Постојаната комисија за економски прашања на Парламентот, а од 2019 до 2023 година, заменик-министер за финансии, одговорен за даночната политика и јавниот имот во владата на Киријакос Мицотакис.
Роден во Верија, по потекло од Александрија во регионот Иматија, бил оженет со професорката Катерина Кацава и татко на две деца. Имал две магистерски титули – по стратешко управувачко сметководство и финансиски менаџмент, како и по јавно право и политички науки. Исто така, бил докторанд на Правниот факултет при Универзитетот „Демокрит“ во Тракија.