Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денес најави изградба на нова поликлиника во населбата Расадник, општина Кисела Вода, проект што долго време беше меѓу најголемите приоритети на жителите.
„Денес сме тука да најавиме проект кој долго време беше еден од најголемите приоритети и барања на жителите на нашата општина. Со години, граѓаните на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква установа во својата непосредна близина и за секој лекарски преглед мораа да патуваат до други делови на градот. Тој период завршува, започнуваме со реализација на новата поликлиника во Расадник. Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло,“ истакна Ѓорѓиевски.
Новата здравствена установа ќе се простира на 1.780 квадратни метри, со подрум, приземје и кат, и ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги. На приземјето ќе се сместат лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории.
Проектот ќе се реализира со средства од унгарски кредит, обезбедени преку Владата на Република Македонија. Ѓорѓиевски посочи дека ова е еден од над дваесет капитални проекти во општина Кисела Вода кои или се реализираат или наскоро ќе започнат.