Традицијата на Вимблдон предизвика нов хаос, особено по одличната игра што ја прикажаа Тејлор Фриц и Џовани Перикар. Мечот од првото коло на Вимблдон помеѓу Тејлор Фриц и Џовани Перикар беше прекинат пред почетокот на решавачкиот петти сет. Ваквата одлука на судијата го запрепасти Фриц, кој не можеше да поверува дека ќе мора да се врати на теренот следниот ден, веднаш откако „фати залет“ во мечот против незгодниот Перикар.
Мечот беше прекинат во 22:18 часот по локално време во Лондон, односно 42 минути пред мечот да мора да заврши поради таканаречениот „Полициски час на Вимблдон“. Со оглед на тоа што тенискиот комплекс е во населено место, традицијата е натпреварите да се прекинат во разумно време поради очигледното незадоволство на граѓаните што живеат во негова близина и затоа судијата одлучи да „побрза“ и со тоа само го иритираше Фриц.
Фриц веруваше дека може да победи за околу четириесет минути, и затоа го покажуваше времето на часовникот кон судијата, но сепак немаше промена во одлуката. Се чини дека ваквата одлука повеќе му одговараше на неговиот противник, кој го загуби четвртиот сет.
Патем, Перикар водеше со 2:0 во сетови (ги доби двата сета со тај-брејк), по што Фриц се врати во мечот. Прво го доби сетот со 6:4, а потоа го доби и тај-брејкот со луд пресврт. Перикар водеше со 5:1, а потоа застана, па четвртиот сет му припадна на Американецот.
Токму затоа Фриц, петтиот тенисер на светот, инсистираше да игра, но судијата не разбираше.

Зошто не го послушаа Ѓоковиќ за полицискиот час?
Пред неколку години, Новак Ѓоковиќ го посочи проблемот со „полицискиот час“ на Вимблдон што ги мачи тенисерите, но градските властите сè уште не можат да го решат. Тој беше особено бесен во 2023 година кога неговиот натпревар со Хуберт Хуркач се играше во текот на два дена.
„Верувам дека Вимблдон мора да го промени тоа правило, знам дека полицискиот час е тешко да се помести, но натпреварите можат да започнат барем во 12 часот“, рече Новак на прес-конференцијата.
„Мислев дека имам барем еден и пол час пауза, па ме повикаа по 20 минути. Само треба да бидете подготвени за секое сценарио, ова се работи што можете само да ги предвидите. Размислував претходно дали да одам во сместување, во куќа во близина. Во неделата останав во комплексот и чекав седум часа да започне, премногу е. Не можете ништо да предвидите, штом го видов распоредот за недела знаев дека може да има долги натпревари пред моите. Имате сè внатре и играчите што се таму со тимовите, со опремата, не е лесно да најдете агол за себе. Секако, сето ова се работи на кои мора да се прилагодите, и не е прв пат, а не е ни последен пат. Знам дека Вимблдон ја почитува традицијата, но мислам дека има работи што треба да се променат.“
Кои други натпревари се прекинати на Вимблдон?
Натпреварот меѓу Матео Арналди и Ботик ван де Зандшулп беше прекинат поради темница, во моментот кога Холанѓанецот водеше со 2:0, втор ден по ред на теренот ќе бидат и Чепиери и Моцизуки (2:2). Зверев исто така мораше да излезе втор пат на теренот за неполни 24 часа против Риндернес, (1:1), а претходно натпреварот меѓу Женг и Сињакова беше поместен за еден ден подоцна поради зафатен распоред.