Двајца полицајци од Лисабон се обвинети за мачење бездомници и мигранти, а потоа споделување слики од нивните постапки преку интернет со други полицајци, соопштија во понеделник португалските власти.
Според обвинението потпишано од обвинителката од Лисабон, Фелисмина Франко, двајцата полицајци на возраст од 20 години, кои беа уапсени минатиот јули и оттогаш се во притвор, се обвинети за тортура, суровост и злоупотреба на службената должност, објави денес „Ројтерс“.
Едниот од нив се соочува и со обвиненија за силување, грабеж и фалсификување.
Обвинението опишува инцидент во кој полицајците претепале марокански имигрант во полициска станица неколку часа, принудувајќи го да им ги бакне чевлите додека еден од нив извикувал на англиски „Добредојдовте во Португалија“.
„Жртвите биле систематски избрани од особено ранливи луѓе, бездомници, физички слаби, економски обесправени. Оваа околност открива акти на чисто и неоправдано насилство насочено кон оние кои не можеле да се спротивстават“, се наведува во обвинението.
Министерството за внатрешни работи на Португалија соопшти дека Канцеларијата на генералниот инспектор започнала посебна истрага за истрага на други полицајци кои биле потенцијално вмешани.
Португалскиот огранок на групата за човекови права „Амнести интернешнл“ изјави дека споделувањето слики и пораки за постапките на обвинетите во разговори со други полицајци и на социјалните медиуми „покажува огромно чувство на неказнивост“.
„Амнести интернешнл“ повика на формирање надворешна и независна агенција за надзор на полицијата и на инсталирање повеќе камери во полициските станици, во автомобилите, како и на полицајците да носат камери на телото кога комуницираат со луѓе, објави „Танјуг“.












