Полицијата во Нови Сад го уапси денеска познатиот опозициски политичар Миша Бачулов, како и уште две лица, поради учество во протестите пред Филозофскиот факултет, кои, како што објавија градските медиуми, полицијата и деканот ги држеа под клуч три дена.
Протестите на студентите и граѓаните започнаа завчера откако деканот на факултетот, Миливоје Алановиќ, влезе во зградата со група професори и им нареди на студентите, под закана со дисциплински мерки, да ги напуштат просториите, по што ги смени бравите на вратите.
Студентите, со поддршка на граѓаните и опозициските политичари, во неколку наврати се обидоа да се вратат во зградата, но беа спречени од специјалната полиција, која ја повика деканот на факултетот.
Во острата пресметка меѓу полицијата и демонстрантите, неколкумина беа полесно повредени, по што започнаа апсењата на граѓаните кои учествуваа во нив. Министерството за внатрешни работи денес објави дека се уапсени три лица под сомнение за, како што е наведено, кривично дело напад врз полицијата.
Министерството истакнува дека уапсените за време на собирот пред Филозофскиот факултет „ги нападнале полицајците и ги удриле неколку пати“. Ден претходно, полицијата привела едно лице поради инциденти во зградата на факултетот, а министерството по немирите објави дека „околу 300 граѓани се обиделе насилно да влезат во факултетот“.
Академската мрежа „Слободно свеучилиште“ побара деканот на Филозофскиот факултет, Миливоје Алановиќ, да поднесе оставка што е можно поскоро. Како што објавија, студентите и професорите се сведоци на историјата додека го гледаат влезот на Филозофскиот факултет како е блокиран од жандармерискиот кордон.
„Неприкосновеноста на академскиот простор е загарантирана со закон. Полициските сили присутни на кампусот се апсолутно непропорционални на секој замислен страв за безбедноста за кој зборува деканот на Филозофскиот факултет, Миливој Алановиќ“, се наведува во нивното соопштение за медиумите.