Градоначалничката на Лос Анџелес Карен Бас рече дека градските власти размислуваат за полициски час доколку повторно избијат насилни протести.
„Мораме да го спроведеме законот. Ќе продолжам да се залагам кај федералните власти. Мораме да кажеме дека тоа е неприфатливо и дека доколку се впуштите во вакво однесување, ќе бидете кривично гонети“, рече Бас, додавајќи дека властите сега „ја разгледуваат можноста за воведување полициски час“.
Градоначалничката рече дека во вторникот накратко разговарала со полицискиот началник за полицискиот час, додавајќи дека Лос Анџелес „разгледува и други агресивни одговори што може да ги има во случај повторно да избие насилство“.
„Значи, денеска ќе се сретнеме за тоа, а тоа е вид на агресивна тактика на која размислував“, рече Бас, истакнувајќи дека овие разговори се прелиминарни.
Рација спроведена од страна на Имиграциските и царинските служби на САД /ICE/ за да се идентификуваат илегалните имигранти во центарот на Лос Анџелес на 7 јуни прерасна во судири со демонстрантите.
Истиот ден, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом се закани дека државата може да одбие да плати федерални даноци како одговор на можните големи кратења на федералното финансирање од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Следниот ден, Белата куќа најави распоредување на 2.000 членови на Националната гарда во градот.
Како одговор на распоредувањето на војниците, Њусом официјално побара поништување на одлуката, обвинувајќи ја Белата куќа за поттикнување немири и тврдејќи дека државните и градските власти немале проблеми додека не интервенирал претседателот.
Според Бас, во текот на ноќта од понеделник кон вторник се уапсени повеќе од 100 лица.