Освен загубата во стотици хектари шума, објекти и неколку куќи, пожарите ги зедоа и првите човечки животи. Од избувнувањето на огнената хаварија низ целата земја, починаа двајца мажи. Првиот беше пронајден пред неколку дена во неговата штала заедно со добитокот што биле зафатени од оган кај железничката станица во Ѓорче Петров, вториот бил пронајден мртов во близина на Крива Паланка, каде и натаму има активен пожар, а неговото тело по наредба на јавниот обвинител е предадено на обдукција. Во борбата со огнот е повреден 19-годишен маж од селото Звечан, Македонски Брод, кој се здобил со повреди при гасење пожар во атарот на соседното село Рамне.
Огнениот обрач кој ги зави во црно скопските општини, го загади и оној малку чист воздух со кој располага еден од најазагадените градови во Европа, Скопје. Тешките метали кои испаруваа од пожарот кој настана во отпад на хаварисани возила во Визбегово се опасни по здравјето на луѓето, особено кај младите во раст, предупредија лекарите. Видливи беа честички од пепел како лебдат низ воздухот, а ружата на ветровите кои деновиве се активни направи жителите да ги почувствуваат во секој дел од градот.
Во Обвинителството, сопствениците на отпадот за старо железо, маж и жена, официјално се гонат за спречување на новинарите во известувањето од местото на настанот и за нараушување на јавниот ред и мир бидејќи група вработени во отпадот даваат отпор при апсење на газдата.
– Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, додека за осомничената е предложена мерка куќен притвор, стои во соопштението од Обвинителството, каде велат дека ги истражуваат причините за настанување на пожарот и собираат докази за екоцидот кој му се случи на главниот град, односно во насока на докажување на делата за општа опасност предизвикана врз животот и телото на луѓето, имотот и животната средина. Дека постои сомневање за намерно палење низ земјава, кажа министерот за полиција, Панче Тошковски, а докази во насока на подметнување објавија директорот на ЦУК, Ангелов, кога за медиумите ги сликаше дрвените пелети полеани со бензин и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој на својот фејсбук-профил објави слики на изгорени гуми и ракавици по пожарот кај Смилковско Езеро.
Полицијата во насока на сомневањето за намерно палење го објави и полицискиот настан, каде во ранци на тројца малолетници кои не се од државата, пронашле бензин, запалка и течен лепак.
– Во близина на месноста Ајватовски рид, кај населбата Илинден, полициски службеници при преглед на три малолетни лица, странски државјани, во ранец пронашле две шишиња со по 1,5 литри бензин, две петарди, запалка и течен лепак, по што се лишени од слобода, информираат од МВР и додаваат дека пронајдените докази кај Смилковско Езеро се вештачат. За приведените момчиња од странство за кои постои сомневање дека потпалувале или дека имале намера, потврди и премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски, уште на првата седница на владиниот Кризен штаб се посомнева дека дел од пожарите се подметнати.
– Причина за ширење во најголема мера беа неповолните временски услови и силниот ветер, но за дел имаме основи на сомнение дека се подметнати од човечки фактор близу клучни инфраструктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти – изјави Тошковски и додаде дека многу е симптоматично тоа што, како што се неутрализира еден пожар, набрзо започнува втор, трет и сите се поврзани со одредена клучна инфраструктура.
Земјава гори, и буквално и политички. Политичките партии и актуелни градоначалници кои оддамна се влезени во кампања за локаните избори, деновиве собираат политички поени на сметка на пожарите. Сомневање за подметнување на прес-конференција изразија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
– Очигледно е дека како еден пожар се гаси, друг некаде веднаш се пали. Институциите на системот макотрпно работат, ги гасат и ги локализираат пожарите секој ден. Од друга страна, некој во државата сака да ја пеплоса. Според информациите што ги имаме, а ги објавија и институциите, одредени лица се веќе под истрага, а едно лице е лишено и од слобода. И додека институциите се борат да ја заштитат секоја педа земја, СДСМ тера политика и се обидува да ќари некој политички поен – обвини Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицискиот СДСМ, пак, возвраќаат дека власта не ја интересираат безбедноста и здравјето на граѓаните и целосно потфрлиле со управување со кризата.
– ВМРО-ДПМНЕ било и секогаш ќе биде заинтересирано само за власта, за партијата, а никогаш за граѓаните и за нивните потреби. Секогаш сопствените интереси пред државните и секогаш личниот рејтинг пред одговорното управување со институциите, велат од СДСМ.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, обвини дека власта одобрува пари за тротоари, но не и за нови противпожарни возила. Владата претходно најави дека ќе ангажира 400 лица за справување со пожарите во летниот период за финансиски надомест од 24.000 денари.
Осум години затвор за предизвикување на шумски пожар
Во последните три години, според статистиката на МВР, на 65 осомничени полицијата им поднела пријави за свесно палење, а две од кривичните пријави биле за предизвикување на шумски пожари. Најмногу од пријавите за потпалување биле минатата година, кога имаше најмногу пожари во земјава. Според КЗ каде се регулира кривичното дело „Предизвикување шумски пожар“, тој што ќе предизвика шумски пожар и ќе настапи штета од големи размери, ќе се казни со затвор најмалку осум години.
Со иста казна ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк, тој, пак, што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари, ќе се казни со затвор најмалку десет години, а доколку делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од три до пет години.
(П.А.)