Судиите и јавните обвинители ќе бидат решавачки фактори од кои ќе зависи дали и кога одредено одземено возило заради сообраќаен прекршок ќе му биде вратено на сопственикот. Односно, за тоа ќе се решава во текот на кривичната постапка, која полицијата и Обвинителството ќе ја започнат против сторителите на таквите кривични дела пред надлежниот суд. Во ситуација кога судовите се пренатрупани со предмети и кога речиси во секој суд има недостиг на судии, лесно може да се претпостави дека сопствениците на возилата, мотоциклите и на другите превозни средства на кои тие им се одземени, можат да останат со месеци без нив. Односно, сè до конечната пресуда, иако постојат одредени можности прашањето на враќањето на возилото да се реши и пред последниот збор на судиите.
Вака стојат работите во однос на расплетот на едно од најжешките прашања што ги предизвикаа новите сообраќајни правила, врзано за одземањето на моторните возила. Токму одземањето на возилата од страна на полицијата на лица кои воопшто немаат возачки дозволи, кои возеле безобѕирно брзо и кои и претходно биле осудувани за кривични дела од областа на сообраќајот, деновиве предизвика бројни протести на граѓани. Главно припадници на ромската етничка заедница, деновиве протестираа со блокади во Битола, Штип, Кочани, Струмица, Ресен… против постапките на полицијата и барајќи да им се овозможи управување на возилата без возачки дозволи или, пак, полесен пат до неа. МВР секој ден соопштува дека се одземаат возилата на прекршителите, по што се поставува прашањето што ќе се случува натаму со овој одземен имот на граѓаните.
МВР: Надлежност на Обвинителството и на судот
Во МВР вчера експедитивно ни одговорија дека судбината на одземените возила од сообраќајните прекршители е во рацете на Јавното обвинителство и на надлежниот суд.
– Полициските службеници го одземаат возилото по насоки на јавен обвинител, а натамошната постапка е во надлежност на Обвинителството и на судот – се наведува во одговорот кој весникот ВЕЧЕР го доби на упатеното новинарско прашање.
Познато е, според новите измени во Кривичниот законик, одземањето на возилото се врши во неколку ситуации. Така, сега постои можност за одземање на моторно возило од лица кои управуваат без стекнато право на возачка дозвола. Потоа, доколку лице управува моторно возило без возачка дозвола и со тоа стори кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, возилото со кое е сторено делото ќе биде одземено, под услов тоа да е во сопственост на сторителот. Ако прекршокот е сторен со туѓо возило, истото ќе се одземе само доколку сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето кое управува нема право да вози. Возилата се одземаат и во случаи на екстремно пречекорување на брзината – доколку возачот ја надмине дозволената брзина за најмалку 70 км/ч во населено место или 90 км/ч надвор од населено место. Доколку сторителот претходно веќе бил осудуван за вакво кривично дело, пак, одземањето на возилото е задолжително.
Сопствениците на одземените возила кои деновиве протестираат наведуваа дека тие досега биле толерирани да возат без дозволи и дека немаат пари за да платат обука и полагање на возачки испити.
– Ние сме без возачки дозволи и без школо. Ни ги зедоа возилата, а со нив децата ги раниме. Бараме да се најде начин да добиеме возачки. Нека дојди инструкторот нека вози со мене да види дали не знам правила. Ако знам да возам, нека ми даде возачка, ќе си платам. Ако не е возилото, ќе умреме за леб – изјави еден од протестантите во Битола.
Но, ваквите барања не наидуваат на прифаќање во јавноста, ниту од страна на МВР ниту, пак, добиваат поддршка од други граѓани кои целосно ја почитувале процедурата за добивање возачки дозволи.
– Не разбирам! Возел без возачка дозвола и му го одзеле возилото. Чиста работа. Да не требало да му издадат возачка дозвола што знаел да вози. Само нека си го тера МВР законот – порача еден граѓанин во својата реакција на социјалните мрежи.
Барањата да се вратат возилата мора да имаат силни аргументи
Во јавноста се појавија дилемите дали полицијата може да одзема возила кои се во приватна сопственост на граѓаните или е доволно само граѓанинот да плати одредена казна. Но правните експерти објаснуваат дека тоа е можно затоа што ваквата ситуација е предвидена во Кривичниот законик.
– Со новите измени во Кривичниот законик се предвидени ситуациите во кои се одземаат возилата. Значи, се работи за сторени кривични дела. Така, привремено одземање на моторното возило се прави при тешки сообраќајни прекршоци какви што се возење без возачка дозвола, под дејство на алкохол, на дроги, при екстремно пречекорување на брзината, кога возачот е рецидивист. Возилата се одземаат и кога се користеле за кривични дела, кога има сомневање дека се украдени, или, пак, кога се нерегистрирани, технички неисправни… Во таквите ситуации, почнува судска постапка во која Јавното обвинителство и полицијата водат кривична постапка против лицата што ги управувале возилата – објаснува за весникот ВЕЧЕР адвокатката Анита Пешова од Скопје.
И таа наведува дека за судбината на одземеното возило ќе решава надлежниот судија во текот на започнатата судска постапка.
– Судијата решава што ќе биде со возилото – дали тоа ќе остане трајно одземено или ќе му се врати на сопственикот. Многу е важно во постапката сопственикот на возилото да поднесе барање да му се врати возилото. Во тоа барање треба да се наведат причините зошто возилото му е неопходно. На крајот, судијата цени дали тоа барање треба да се прифати или не. Има можност барањето за враќање на возилото да се поднесе и по започнувањето на кривичната постапка, односно, да не се чека крајот на судскиот процес. Но, сопственикот треба да изнесе силни аргументи дека престанале причините поради кои возилото му било одземено и дека тоа му е неопходно. И за тоа барање треба да се произнесат обвинителот и судијата – објаснува Пешова.
Излегува дека кривичните судови во земјава, во наредниот период, секојдневно ќе бидат адреса на бројни кривични пријави против несовесни возачи, а што ќе предизвика бројни судски рочишта.
– Знаејќи дека има недостиг на судии и тоа дека вакви предмети ќе има многу, станува јасно дека за одлуката дали на некој граѓанин ќе му биде вратено одземеното возило, ќе бидат потребни месеци и месеци. Заради тоа, најдобро е граѓаните да внимаваат и да не го прекршуваат законот. А тоа досега не беше случај и се гледа во каква опасност бевме сите на сообраќајниците на кои возеа толку многу луѓе без дозволи, со забрани за возење… – нагласи адвокатката Пешова. (Б. Ѓ.)
Акција на МВР: Се вози без дозволи, со активни забрани, одземени 11 возила и пријави против 11 возачи
Само во текот на вчерашниот ден, полицијата одзела 11 патнички возила и поднела исто толку кривични пријави против несовесни возачи во десет акции, во неколку региони во земјава. Во два случаја, возилата биле одземени поради тоа што возачите имале активни забрани за управување со моторни возила, а во останати осум, возилата се одземени бидејќи возачите немале положено возачки испит и немале дозвола.
На автопатот Градско – Прилеп, возилото „голф“ е одземено од прилепчанецот Ф. Ј. кој е уапсен и имал дури три забрани за управување со возилото. Во Тетово е откриен 16-годишен малолетник од село Желино, кој по градските улици возел „голф“ без дозвола.
– Во кумановското село Черкезе, при контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле возила „шкода“, управувано од Д. Ј., и „опел“, управувано од Ф. А., и по преземените мерки било констатирано дека ги управувале возилата без положен возачки испит. Во Струмица се одземени две возила – едното со кое лицето Д. А. без возачка дозвола превезувало бесправно исечени дрва, а другото на лицето С. В., кое без дозвола возело по градските улици. Одземање на возилата на возачите без положен испит имало и во Штип и во село Батинци, Скопско – соопшти полицијата.












