Полицијата ќе ги едуцира повозрасните карпошани како да се заштитат од измами

13

На иницијатива од Одделението за превенција при СВР – Скопје, во соработка со пензионерските друштва на територија на општина Карпош, кон средината на септември ќе се организираат едукативни работилници на тема „Заштита од измами поврзани со сообраќајни незгоди“.

Акцијата произлезе од конкретниот заклучок на заедничката дебата меѓу градоначалникот Стевчо Јакимовски, членовите на Советот и претставници од локалната заедница, која пред неколку месеци се одвиваше во рамки на Локалниот совет за превенција на Општина Карпош.

– Иницијативата има за цел да ја зголеми свеста на граѓаните, особено на повозрасната популација, од причина што пензионерите се едни од најзагрозените групи кои се цел на различни видови измами, особено оние што се поврзани со т.н. „сообраќајни незгоди“ – соопштија од Општина Карпош.

Работилниците ќе бидат организирани во неколку групи со времетраење од 60 минути, а учесниците ќе добијат информации за најчестите методи со кои се служат измамниците.

– Во таа насока ќе бидат презентирани повеќе примери од реални ситуации, како и совети за препознавање на сомнителни знаци и постапки на измамниците. Покрај тоа, учесниците ќе научат како да се заштитат од потенцијално опасни ситуации, како да избегнат злоупотреби и како да ги известат надлежните органи доколку се сомневаат во нелегални дејства – нагласуваат од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека досегашните несакани искуства говорат дека измамниците честопати користат лажна ситуација на несреќа или сообраќајна незгода за да манипулираат со луѓето, а најчести жртви на ваквите измами се токму повозрасните лица.

– Со овие едукативни активности, Општина Карпош и СВР – Скопје се стремат да изградат заедничка свест за превенција и заштита од измами, кои можат да предизвикаат сериозни последици и економски штети за засегнатите. Оваа иницијатива е важен чекор кон создавање посигурна и поотворена заедница во која сите граѓани, без разлика на нивната возраст, ќе се чувствуваат сигурно и заштитено од евентуални манипулации и криминални активности – наведуваат од локалната самоуправа.

 

ИЗДВОЕНИ