Серијата кривични настани што се случија последнава недела во земјава: убиството на армиско лице во Батинци, двојното убиство во Прилеп, бодењето со нож на пазарот во Битола, нападот врз градоначалничката на главниот град – го вклучија безбедносниот аларм. Мотивите се различни, семејни расправии, љубовни причини, но и политички. Јавноста последниов период живее со чувство на страв од леснотијата со која се посегнува по друг живот, ама и со чувство на лутина од постапувањето или непостапувањето на полициските службеници
Серијата кривични настани што се случија последнава недела во земјава: убиството на армиско лице во Батинци, двојното убиство во Прилеп, бодењето со нож на пазарот во Битола, нападот врз градоначалничката на главниот град – го вклучија безбедносниот аларм. Мотивите се различни, семејни расправии, љубовни причини, но и политички. Јавноста последниов период живее со чувство на страв од леснотијата со која се посегнува по друг живот, ама и со чувство на лутина од постапувањето или непостапувањето на полициските службеници.
Поранешниот началник на МВР, Љубомир Ѓурчиновски, вели дека кај убиствата и обидите за убиства од семејна или од интимна природа полицијата мора да ја зајакне превентивата. Во однос на нападите врз градоначалничката Данела Арсовска, вели дека истражните органи треба да застанат зад откривањето на криминалот во земјава, а законот да важи подеднакво за сите граѓани без разлика од која национална или политичка припадност се.
Двојното убиство и самоубиството во Прилеп, каде што роднина со пиштол ги застрела внукот и неговиот малолетен син откако претходно ги држел како заложници во својата куќа, најверојатно, брзо ќе се затворат бидејќи убиецот се самозастрела. Во јавноста останаа прашањата зошто никој од надлежните институции не реагирал на поплаките од соседите и од семејството за неговото однесување, уште повеќе што јавна тајна било дека тој поседува оружје и муниција, која ја искористи за ликвидирање на своите најблиски. Ѓурчиновски смета дека во случајот со двојното убиство во Прилеп, каде што една од жртвите е малолетно дете, потфрлила локалната полиција.
– Треба да се види дали биле преземени сите дејства по претходните поплаки, пријави и предупредувања од соседите и од семејството. Станува збор за семејна расправија што траела подолго време и полицијата имала сознанија за проблематичноста на лицето. Биле должни во случај кога има сериозни поплаки и закани од неговото најблиско опкружување, уште повеќе што чувал огнено оружје кај себе и се заканувал со него, да го известат јавниот обвинител и да ги проверат домот, неговите контакти, да му ги одземат оружјето и опасните предмети. Превентивата е најважна за безбедноста, па така во случајот неуспехот е на превентивен план. Доколку претходно полицијата ги презела сите дејства по поплаките дека одредено лице се заканува за животот на другите, можеби немало да дојде до ваков исход – вели поранешниот началник на скопската полиција и ја потенцира важноста на присуството на полицијата во јавноста, во смисла да ги знае сите состојби во локалната заедница.
Во Правилникот за полициско вршење на работите, десетина страници ѝ се посветени токму на превенцијата на полицијата во ситуации што би довеле до несакани последици.
На прашањето дали полициските службеници што дошле во домот на убиецот по пријава на сопругата на убиениот Панчо, оперативно постапиле кога возвратиле со пукање кон куќата имајќи информации дека се наоѓаат таткото и синот во неа, Ѓурчиновски вели дека полицијата има законска можност да отвори оган во критична ситуација .
-Полицијата оди на самото место да ја провери состојбата, при тоа осомничениот отвора оган кон полицијата, која возвраќа со пукање, но се пука со пиштол. Тие не знаат и немаат оперативни процени дека ќе пука некој кон нив или дека веќе има заложници или ликвидирани. Среќа е што експлозивната направа не експлодирала, инаку трагедијата ќе била поголема бидејќи не знаеме колку биле опремени полицајците со панцири и со друга опрема и затоа ги повикале специјалците, кои се обучени за совладување на таков отпор, објаснува Ѓурчиновски.
Ситуацијата што настанала во текот на дејствувањето на локалната полиција, кога се обидела да влезе во домот на убиецот, остана недоречена во соопштението на МВР за расчистување на двојното убиство во Прилеп. Остана прашањето дали и како се постапувало, дали бил усно предупреден, со мегафон, разглас или, можеби, на друг начин имало обид да се воспостави комуникација со осомничениот.
– Откако полициските службеници излегле од куќата, од страна на П. Ѓ. било пукано кон нив, при што полициските службеници возвратиле со пукање од службено оружје кон куќата и известиле по радиоврска дека во 22:40 часот е пукано кон нив од огнено оружје на ул. „Стеван Апостолоски“, за по кратко време П. Ѓ. да се самоубие со огнено оружје – пишува во полициската информација во која изостанува делот зошто била повикана специјалната единица од Скопје, која пристигнала на местото по 1:00 часот во неделата.
Во Прилеп денеска е погребот на таткото и малолетниот син што беа жртви на крвавиот поход на вујкото, поради недоразбирање за семејната куќа. Обвинителството ги чека наодите од обдукцијата, со што случајот, најверојатно, ќе се затвори како несреќен. (П. А.)