Полиција упадна во „скриениот“ покер свет: 14 играчи фатени на зелената маса, организаторите со каса

Падна осумчлена група што перела пари преку коцка

267

Полицијата и Јавното обвинителество за организиран криминал и корупција разбија покер група која организирала коцкање во Скопје. Вкупно осумина се дел од нелегалната забава преку која се переле големи пари. Од обвинителството велат дека акцијата за нивно разотркирање траела неколку месеци без да сподели дали во истата се користеле посебни истражни мерки, како што се следење на членовите од групата, па се до прикриен агент.

При претресите на повеќе места во главниот град и околината откриени биле, карти, чипови, професионални маси за покер, значителен износ парични средства во денари и евра, возила за кои постојат докази дека се набавени од картањето и дрога. Кога полицијата направила упад во еден од становите каде што се играло,  биле затекнати и 14 играчи на зелената маса.

„Во првата истражна постапка се опфатени шест лица за кои постои основано сомнение дека тие и други НН лица создале група која континуирано и координирано организирала недозволено приредување игри на среќа без поседување лиценца или одобрение од надлежен орган согласно Законот за игрите на среќа и забавните игри“ објавува ОЈОГООК

Групата според истрагата била формирана во февруари годинава и организирала покер во три стана во Скопје. Деталите што се објавени од истражните органи, се идентични од некој холивудски филм. Осомничените обезбедувале играчи и договарале термини за игра на „омаха“, „покер“, „круг“ и „брич“. Игрите се одржувале во точно определени денови, со утврден број играчи и со однапред договорени правила и влогови. Групата поседувала каса за уплата и исплата на играчите и за покривање трошоци за клубот, ангажирале лица за средување на масите, како и лица–играчи кои за надомест ги делеле картите, открива ОЈОГООК

Главните организатори на групата која кривично ќе одговар за злосторничко здружување воделе луксузен живот, купувале недвижнини со што се истакнувале во околината. Па така во втората истражна постапка е опфатен еден од осомничените од првата, како и уште двајца други. Од коцкањето свртиле повеќе од 123 илјади евра. Парите ги внесувале во готово на свои сметки, примале пари од сметки на трети лица и ги употребувале за луксузирање. Овие се гонат и за лихварство, а во криминалот учествувала и сопругата на првоосомничениот. За неа обвинителот бара домашен притвор, а за останатите седум затворски. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ