Документи од Општина Чаир се одземени од полицијата во рамки на истрагата за дивоградбите по наредба од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, на „Фејсбук“ информираше дека документите по наредба на обвинителството и судија на претходна постапка ги одзеле полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР. Документи се одземени и од Министерството за транспорт и врски.

Обвинителството отвори истрага за дивоградбите во Чаир откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која обвини дека многу дивоградби во Чаир се легализирале незаконски.

– Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР постапува врз основа на издадени Наредби од ОЈО за ГОКК како и издадени Наредби од Судија на претходна постапка. На 23.07.2025 врз основа на Наредба на судија на претходна постапка полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР одзедоа документација од Општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски- велат од МВР.

Од Обвинителството нагласуваат дека до МВР е дадена наредба во предметот што го води ОЈОГОКК, а во предметот во Скопското обвинителство постапува Управата за финансиска полиција.

Постапките и по двете наредби се во тек, а за преземените дејства институциите по завршување ќе ги известат надлежните јавни обвинители.

На последната прес-конференција пред Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кога Арсовска, во име на Град Скопје, поднесе 20 нови случаи на незаконска легализација на дивоградби во Општина Чаир таа нагласи дека не станува збор за тераси или за гаражи, туку за цели згради изградени спротивно на закон, чија изградба, само на еден објект, чинела преку еден милион евра, а основните давачки како комуналии биле над 1,5 милион евра. Тогаш таа го наведе случајот кога како претприемач на зграда-дивоградба во Чаир бил заведен, единаесетгодишникот Беким Аземи. Во 2023 година почнува да се гради плоча, која станува зграда на 12 ката во втората половина на 2024 година.

Како што истакна тогаш Арсовска според приложената документација, тој ја изградил оваа зграда во 2010 година, кога имал само 11 години, а на 12 години, со своерачен потпис, поднел барање за легализација, нарекувајќи го сето тоа криминал.

Таа објасни дека за изградба на еден ваков објект се потребни 1,5 милиони евра, што значи дека за 150 вакви згради колку што, како рече таа ги има во Чаир, се потребни 225 милиони евра, за колку што е оштетен и буџетот на Град Скопје.

Според неа, во Општина Чаир има повеќе од 150 вакви згради по 12 ката, без дозволи и проекти.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ