Почна судскиот процес за тројцата полицајци од Кочани обвинети за злоупотреба на службата бидејќи според обвинението “замижувале” пред неправилностите во работата на кабарето “Пулс”. Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков се првата од трите групи на полициски службеници на кои ќе им се суди во Кривичниот суд. Сите пред судијката Лидија Петровска рекоа дека не се чувствуваат за виновни. Двајца се реонски полицајци, а еден е помошник командир во ОВР Кочани.
Обвинителката Ивана Трајчева рече дека двајцата реонски полицајци иако констатирале прекршување на јавниот ред и мир во “ Пулс ” во два наврати во 2024 година во записниците внеле неточни податоци. Помошникот командир пак е обвинет бидејќи не ги проверувал барањата за прекршочни пријави па до судот поднел пријави против неактивен правен субјект “Класик”, а Дејан Јованов Деко не бил одговорно лице. Судењето продолжува со докази на обвинителството.(П.А.)












