Условите за физичката и за психичката подготвеност во огласот за новите 150 полицајци наидоа на потсмев кај граѓаните во големиот број коментари под објавата на огласот на фејсбук-профилот на МВР. „Биди активист на некоја партија која моментално е во позиција, барај човек за да вети дека ќе те вработи, спреми некоја сума за честење. „Што ќе ви е ова за неосудуваност кога такви не ви одговараат за да ги прикриваат кривичните дела, а за интегритет да не зборуваме, пред сè не ги обучувате да знаат како да се однесуваат кон граѓаните“, беа дел од реакциите на социјалните мрежи
„Биди полицаец. Биди хуман. Создај ред. Чувај ги граѓаните. Поседуваш храброст, солидарност и чесност. Висок морал, интегритет и дисциплина. Ако тоа се твоите човечки квалитети, тогаш полицијата е вистинскиот избор за тебе – примамливо, како од американска реклама за платена војска, почнува огласот за вработување на нови 150 полициски службеници од страна на Министерството за внатрешни работи. Огласот се објавува на само четири месеци од одржување на општинските избори и само половина година од последниот оглас за полицајци кога МВР бараше кандидати за 600 полициски места. Претходната власт, пак, не толку одамна бараше кандидати за исто толку места, во 2022 година.
Од кандидатите кои ќе се пријават не се бара екстремна физичка подготвеност, она што паѓа во очи се бројот на минималниот број склекови, само 9 за мажите, а 6 за жените кандидати. Моторичките способности на пријавените лица ќе се утврдуваат и преку стомачни, скок во далечина од место, спринт на 20 метри, спринт на 100 метри, трчање на 1.500 метри за мажи, трчање на 800 метри за жени.
На потсмев во коментарите на граѓаните под објавата на огласот на фејсбук-профилот на МВР е и условот кандидатите да не припаѓаат на политичка партија.
„Биди активист на некоја партија која моментално е во позиција, барај човек за да вети дека ќе те вработи, спреми некоја сума за честење, вработи се – односно добиј договор од најмалку 5 години, а до 10 години забрана за напуштање работа, пишува граѓанин“. Во друг коментар, некој забележува за условот за минималната висина за идните полицајци кои треба да застанат на браникот на безбедноста. Имено, условот за минимална висина на машките кандидати е 170 сантиметри, а за женските е 160. „Веќе имате многу примено со таква висина, исто така, што ќе ви е ова за неосудуваност, кога такви не ви одговараат за да ги прикриваат кривичните дела, а за интегритетот да не зборуваме, пред сè, не ги обучувате да знаат како да се однесуваат кон граѓаните“, забележува граѓанка во коментарот под полициската објава. Граѓаните бараат построги услови за некој да стане полицаец и да ги заштити. Кандидатите ги очекува и психолошко тестирање, односно тест за интегритет, психолошки тест и писмено тестирање, и општ образовен тест, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи.
Според напишаното во огласот, селекцијата на кандидатите ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец која ќе ја формира министерот за внатрешни, во случајов тоа е Панче Тошковски. По едногодишната обука, избраните кандидати ќе склучат едногодишен договор со МВР за полицаец-приправник.
По серијата убиства, обиди за убиства и насилства во локалните заедници, поранешни полицајци за весникот ВЕЧЕР апелираа да има поголема присутност на полициски позорникари во јавност. Дека е важно да има поголема соработката помеѓу заедницата и полицијата, како и постапување по поплаките од граѓаните, може да се заклучи од еден од коментарите на граѓанин кој пишува: „Полицаец по глава на жител, а на терен ги бараш со двоглед“. Впрочем, во насока на апелите е и делот од огласот за новите полицајци:
„Биди заштитник на семејството, најблиските, граѓаните и татковината. Биди борец против криминалот и чувар на редот. Биди дел од македонската полиција! Биди полицаец! (П.А)