Народната банка овозможи нова веб-апликација „Споредба на податоците од банките и штедилниците за кредити и депозити за физички лица“. Станува збор за современа дигитална алатка наменета за сите граѓани што сакаат лесно да ги споредат понудите на банките и на штедилниците во земјава врз основа на транспарентни информации.

Апликацијата овозможува брз и прегледен увид во каматните стапки и во другите важни услови под кои се нудат кредитите и депозитите, со цел граѓаните да може да донесат финансиска одлука заснована на информации и според нивните лични потреби и можности.

– Преку едноставна алатка, корисниците може да избираат вид кредит или депозит, да ги споредуваат каматните стапки и надоместоците, да применуваат филтри според видот на производот, износот, рокот, каматните стапки, како и да добијат основни, но релевантни информации за секој финансиски производ на едно место. Со воведувањето на оваа веб-апликација, Народната банка обезбедува нов, модерен и практичен начин за споредување на понудите на финансиските институции, со што директно придонесува за зголемување на транспарентноста и за јакнење на финансиската писменост и на финансиската информираност – велат од Народната банка.

Податоците за кредитите и за депозитите ги доставуваат банките и штедилниците и тие се одговорни за нивната точност и за редовното ажурирање.

Оваа веб-апликација е поддржана од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕFSE DF) и е изработена со финансиска помош од Европската Унија.

ИЗДВОЕНИ