Возач кој се нашол на погрешно место во погрешно време тврди дека не ја заслужил казната што ја добил преку системот „Безбеден град“, што го турнало во лавиринт од институции за да ја докаже својата невиност. Тој тврди дека СМС-пораката, испратена од „Безбеден град“, му е испратена по грешка. Возачот, кој се нашол на погрешно место во погрешно време, тврди дека не ја заслужил казната со која камерата го обвинува за прекршок, и дека тоа било предизвик да влезе во лавиринт од институциите во обид да докаже дека системот згрешил.
„Се движевме во колона по ’Илинденска’, сите забавувавме поради црвено светло. Во тој момент, моторче прелета меѓу возилата. Неколку секунди подоцна – СМС: казна за пречекорување брзина“, пишува возачот на својот фејсбук-профил. Според неговото објаснување, радарот ја регистрирал брзината на мотоциклот, но камерата, преку OCR-софтверот, ’фатил’ автомобил во близина – токму неговиот. „Моторите немаат предни таблички, па за беља – јас сум ‘виновниот’“, додава тој.
Казната од 15 евра или 7,5 со попуст, можеби не изгледа како сериозен финансиски удар, но она низ што човекот тврди дека поминал, покажува колку е макотрпна борбата за докажување со системот.
Првиот чекор го однел пред шалтерите на „Безбеден град“, во рамките на Министерство за внатрешни работи. Тоа е истиот оној шалтер кој МВР го отвори за жалби од возачи и ажурирање на податоци во тест-периодот од проектот. Но, оттаму на скопјанецот му одговориле дека не се надлежни и го испратиле во полициска станица. Но и оттаму го препратиле на друга врата, во Суд за прекршоци. Судот, пак, го вратил назад: бидејќи возилото било службено, па морал прво да даде изјава дека тој бил возачот.
„Ми побараа патен налог, полномошно, печат, потпис…“ раскажува тој. Кога конечно ги однел сите документи, добил и пријателски полициски „совет“: „Плати си ја казната додека е со попуст, нема шанси ‘Сејф сити’ да згреши.“
Возачот, кој е сигурен во својата невиност, го одбил предлогот бидејќи не сака да му се брои прекршокот во казнената евиденција. Неколку дена чекал нов записник, пополнил формулари, но во меѓувреме, му се бројат деновите од рокот од осум дена по што следува присилна наплата. По шест дена, на возачот му стигнала нова СМС-порака, овој пат со записник на негово име и со нов датум. Приказната не завршува тука. Во Судот за прекршоци, наместо најавените две, му побарале три копии од документацијата. Конечно, една копија со печат останала кај него. На прашањето до архиварката во судот дали со тоа се стопира рокот за плаќање, добил краток одговорот дека „ништо не се знае“… Сега возачот, кој смета дека е во право, очекува судот да ангажира стручно лице од областа на сообраќајот, бидејќи, како што вели, случајот е едноставен, но за системот е аларм дека нешто треба да се менува.
Од МВР, за весникот ВЕЧЕР велат дека доколку станува збор за очигледна техничка грешка, потребно е граѓанинот да се обрати во надлежната полициска станица, каде што се поднесува барање за проверка и за исправка на грешката. „Доколку, пак, се оспорува сторениот прекршок, во тој случај се поведува постапка за судска заштита пред надлежен суд“, објаснуваат од полицијата. Од Судот за прекршоци, потврдуваат дека судиите веќе постапуваат по казните од „Безбеден град“ и оти граѓаните имаат право да докажуваат спротивно од наводите во записникот. На прашањето на ВЕЧЕР за должината на постапките, од Основниот суд велат дека предметот се распределува кај судија кој, доколку случајот е чист, може да одлучи истиот ден.
За да се добие време во утврдувањето на тоа дали системот или возачите се во право, на социјалните мрежи се предлага МВР да формира еден централизиран шалтер, каде што ќе се примаат и ќе се процесуираат преговорите поврзани со аномалиите на системот „Безбеден град“. Со слични проблеми како тој на скопјанецот се соочуваат и возачите кога се присилени да поминат на црвено при пропуштање на возило со ротација како Брза помош, полиција, пожарна или, пак, шоферите на автобуси и камиони кои влегуваат на зелено светло на семафорот, а излегуваат на црвено поради должината на возилото.
Проектот „Безбеден град“ е оспорен пред Уставниот суд со четири иницијативи. За неговото спроведување беа изменети неколку закони. (П. А.)
Повеќе од 4.400 сообраќајни прекршоци за една недела: „Безбеден град“ бележи пад од 10 проценти
Во периодот од 9 до 15 февруари 2026 година, системот „Безбеден град“ регистрирал вкупно 4.490 сообраќајни прекршоци. Ова претставува намалување од 10 проценти во споредба со првата седмица од февруари, кога биле евидентирани 4.991 прекршок. Од вкупниот број регистрирани прекршоци, убедливо најголем дел се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина:
4.297 прекршоци – возење со брзина поголема од дозволената, 33 прекршоци – минување на затворен сигнал (црвено светло), 160 прекршоци – управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола.
Во истиот период се изречени и 148 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 48,6 проценти во однос на претходната седмица. Од нив: 33 мерки се изречени за минување на црвено светло, 115 мерки за пречекорување на брзината, и тоа: 99 случаи – брзина над 80 км/ч во населено место,12 случаи – брзина над дозволеното ограничување за конкретниот тип возило,4 случаи – брзина поголема од 170 км/ч во ненаселено место.











