Покриен шанк во паркот „Авионче“ се дава под закуп

52

Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп на урбана опрема – покриен шанк, по пат на електронско јавно наддавање, што ќе се спроведе преку електронскиот систем www.e-stvari.mk.

Предметот на закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, лоциран во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче. Објектот располага со кафе-бар, кујна, тоалети, тераса и помошни простории и се дава под закуп за период од пет години.

Рокот за поднесување пријави е до 13 февруари 2026 година, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 16 февруари 2026 година.

– Како дел од посебните услови, најповолниот понудувач ќе има обврска во рок од 90 дена да постави детско игралиште со реквизити во паркот, да обезбеди редовно одржување на просторот, јавен пристап до тоалетите, систем за управување со отпадот и 24-часовна чуварска служба – појаснуваат од Општина Аеродром.

Оттаму додаваат дека со оваа постапка продолжуваат со транспарентното управување со јавниот простор, унапредувањето на парковската инфраструктура и создавањето подобри услови за граѓаните, како и со поддршката на локалниот бизнис-сектор.

ИЗДВОЕНИ