OpenAI вчера ја претстави петтата генерација на технологијата за вештачка интелигенција што го напојува ChatGPT – надградба на производот што многумина ја гледаат како индикатор за тоа дали генеративната вештачка интелигенција сè уште напредува со брзо темпо или се приближува до својот плафон.
GPT-5 доаѓа повеќе од две години откако GPT-4 беше воведен во март 2023 година, завршувајќи период обележан со огромни инвестиции, возбуда, но и загриженост за можностите на вештачката интелигенција.
Пред лансирањето, конкурентот на OpenAI, Anthropic, претходно оваа недела објави нова верзија на својот четбот Клод, со кој се натпреварува со Google и другите конкуренти во САД и Кина за доминација во областа на вештачката интелигенција. Долгогодишниот партнер на OpenAI, Microsoft, објави дека ќе го интегрира GPT-5 во својот сопствен асистент за вештачка интелигенција, Copilot.
Очекувањата се големи бидејќи OpenAI, со седиште во Сан Франциско, со години ги промовира своите технички откритија како пат кон вештачка општа интелигенција (AGI) – технологија што треба да ги надмине луѓето на економски вредни работни места.
Во исто време, компанијата се обидува да собере огромни средства за развој, меѓу другото, за покривање на трошоците за скапи компјутерски чипови и центри за податоци потребни за изградба и работа на системот.
Директорот на OpenAI, Сем Алтман, го опиша новиот модел како „значаен чекор на нашиот пат кон AGI (општа вештачка интелигенција, или вештачка суперинтелигенција, што е на човечко ниво или повисоко“), но се фокусираше главно на неговата применливост кај 700 милиони луѓе кои, вели тој, го користат ChatGPT секој ден.
„Како да разговараш со експерт – легитимен експерт на докторат во која било област, секогаш кога ви е потребен“, рече Алтман на настанот, кој вчера беше емитуван во живо преку интернет.