Европскиот парламент и регулаторите тела поведоа иницијатива што ќе им овозможи на патниците да земат уште едно парче рачен багаж со себе во авионот, покрај помала лична торба, без дополнителен надоместок. Иницијативата има цел да ги унифицира сегашните правила и да спречи патникот да носи одреден багаж на еден лет, а на друг да не може. Се предлага патникот да понесе со себе во авион еден мал рачен багаж со максимална големина од 40 x 30 x 15 сантиметри и дополнителен рачен багаж чија вкупна висина, ширина и длабочина не надминува 100 сантиметри и чија тежина не надминува седум килограми. Тоа значи дека бесплатно ќе може да се внесе во кабината на воздухопловот лична чанта или торба, заедно со ранец или мала торба на влечење. За поголемите торби и куфери што се вклопуваат над седиштето, а чии вкупни димензии надминуваат 100 сантиметри, сепак, ќе се наплаќа

 

Сите оние што летаат со авион знаат дека е дозволено бесплатно да понесат еден куфер за рачен багаж и една тенка торба за лаптоп. Доколку е потребен дополнителен простор, може да се внесе во авионот и поголем рачен багаж (како што е рачна торба или која било друга торба со ограничена големина), но ќе треба да се плати одреден надоместок за тоа, кој зависи од авиокомпанијата со која се лета. Особено ваква практика на наплата на дополнителен багаж применуваат нискобуџетните авиокомпании со поевтини билети, кои преку наплатата на вакви дополнителни услуги остваруваат значителен дел од својата добивка.

Иницијатива на Европскиот парламент

Европскиот парламент и регулаторите тела поведоа иницијатива што ќе им овозможи на патниците да земат уште едно парче рачен багаж со себе во авионот, покрај помала лична торба, без дополнителен надоместпк. Иницијативата има цел да ги унифицира сегашните правила и да спречи патникот да носи одреден багаж на еден лет, а на друг да не може.

За таа цел, Комисијата за транспорт на Европската Унија, во јуни годинава, усвои предлог за стандардизација на рачниот багажот и тој да важи на летовите на сите авиокомпании. Имено, се предлага патникот да понесе со себе во авион еден мал рачен багаж со максимална големина од 40 x 30 x 15 сантиметри и дополнителен рачен багаж чија вкупна висина, ширина и длабочина не надминува 100 сантиметри и чија тежина не надминува седум килограми. Тоа значи дека бесплатно ќе може да се внесе во кабината на воздухопловот лична чанта или торба, заедно со ранец или мала торба на влечење. За поголемите торби и куфери што се вклопуваат над седиштето, а чии вкупни димензии надминуваат 100 сантиметри, сепак, ќе се наплаќа.

Познавачите на состојбите во авиосообраќајот велат дека овој предлог е поволен за авиокомпаниите, затоа што багажот што се пријавува при чекирање на патникот е дополнителен трошок за авиокомпанијата, бидејќи треба да им плати на аеродромските служби за прифаќање, ракување и за доставување до авионот на таквиот багаж, што не е случај со рачниот багаж. Но, со новиот предлог, односно со внесувањето уште едно парче рачен багаж со себе во кабината, без дополнителен надоместок, тоа ќе влијае на приходите на авиокомпаниите, особено на оние нискобуџетните, кои би останале без дополнителен приход од наплатата за дополнителен багаж. Се проценува дека тој дополнителен приход изнесува од 4 до 8 проценти од добивката на компанијата.

Што е бесплатно на летовите на „Визер“?

Во Македонија, нискобуџетната „Визер“ игра многу важна улога на домашниот авиопазар и држи дури 60 проценти од сите достапни седишта неделно. „Визер“ располага со 243 авиони, а шест воздухоплови има стационирано во својата база на Скопскиот аеродром.

На официјалната страница на „Визер“ има објаснето каков бесплатен рачен багаж може да се внесе во авион. Бесплатниот рачен багаж може да биде еден од следниве: торба за лаптоп, чанта, акт-футрола и мал ранец. Исто така, без дополнителни трошоци, може да се внесат капут или ќебе, мобилен телефон, материјал за читање во текот на летот, како и предмети без царина, купени во салонот за заминување, по поминувањето низ безбедносната проверка. Еден рачен багаж, кој треба да се стави под седиштето, треба да има максимална големина 40 x 30 x 20 сантиметри и да има до 10 килограми. Исто така, за бебињата (0-2 години) може да се внесе храна во текот на летот и преклопна количка за бебиња или мало креветче (може да се носи до вратата или скалите на авионот), како и пар патерици за патниците со физичка попреченост.

Инаку, Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА) од 2022 година препорачува максимална големина од 56 × 45 × 25 сантиметри за кабинскиит багаж, вклучувајќи ги и испакнатините како тркала, рачки и џебови. Само багаж со ваква големина е дозволено да се смести во багажникот над главата на патникот. Како личен предмет се смета и ранец, кој може да се смести под седиштето пред патникот, а надминувањето на овие димензии ќе резултира со дополнителни такси.

Познавачите на состојбите очекуваат авиокомпаниите да направат некакво компензирање од тоа што ќе ги загубат дополнителните приходи од наплатата на дополнителните услуги, и тоа преку покачување на цените на авиобилетите и со избор на аеродроми со пониски аеродромски такси. Исто така, би можело да се случи авиокомпаниите поагресивно да наплаќаат дополнителни услуги како што се за избор на седиште или за приоритетно качување во авион.

Бесплатно пиво и вино за сите патници во економската класа

Канадската авиокомпанија „Ер Канада“ објави дека ќе понуди бесплатно пиво и вино за сите патници во економската класа. Со овој потег, компанијата се обидува да ја зголеми исполнетоста на летовите и да го подобри задоволството на клиентите.

Извршниот потпретседател на компанијата за лојалност и производи, Скот О’Лири, рече дека елиминирањето на трошоците за алкохол е финансиски поодржливо решение отколку откажувањето од приходите од багаж, што значително би влијаело на цените на билетите.

Одлуката е донесена откако патниците масовно се пожалија на социјалните медиуми за дополнителните такси. Во исто време, политичарите во Канада и во САД ги критикуваа таксите за багаж и изборот на седишта во економската класа. Компанијата се соочува со финансиски притисоци откако, во септември, објави дека очекува пад на оперативниот приход поради штрајкот на стјуардесите во август. Ова дополнително ја зајакнува потребата од мерки за привлекување и задржување на патниците.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ