
Португалскиот фудбалер Диого Жота и неговиот брат Андре Силва, кои загинаа во сообраќајна несреќа во четврток, се погребани во нивниот роден град Гондомар.
Со нив се збогуваа семејството, пријателите, навивачите, бројни колеги од светот на фудбалот и соиграчите од клубовите и националниот тим.
Семејството сакаше церемонијата да биде приватна, па затоа само најблиските луѓе беа дозволени во црквата, но пред неа беа поставени звучници за да се емитува службата.
По службата, поворка се упати кон локалните гробишта.
На погребот присуствуваше делегација од Ливерпул, предводена од капитенот Вирџил ван Дајк, Енди Робертсон и тренерот Арне Слот. Ван Дајк носеше црвен венец во форма на дрес со бројот 20 на Жота, а Робертсон носеше број 30, во чест на Силва, кој исто така беше фудбалер.
Меѓу присутните на погребот беа Рубен Дијас, Бернардо Силва, Жоао Мутињо, Џејмс Милнер, Бруно Фернандеш, Жоао Феликс, Нелсон Семедо, Роберто Мартинез…
Меѓу многуте португалски тренери и играчи беше и Рубен Невес, соиграч на Жота во Вулверхемптон и португалската репрезентација, кој пред помалку од 24 часа играше за Ал Хилал во четвртфиналето на Светското клупско првенство во Флорида.
Жота пристигна во Ливерпул во 2020 година од Вулверхемптон.
Во својата кариера, тој играше и за Порто, Атлетико Мадрид, Пакос де Фереира и Гондомар. Одигра 49 натпревари за португалската репрезентација и постигна 14 гола.