Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ги одобри предложените измени на Законот за јавни патишта поднесени од група пратеници. Со измените, меѓу другото, треба да се овозможи поширока мрежа на достапност за купување и надополнување на уредот М-ТАГ за плаќање патарина, освен во просториите на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и во други места. За таа цел, ЈПДП треба да распише јавен повик, со што правните лица што ќе ги исполнат условите би можеле да вршат продажба и надополнување на М-ТАГ-овите.
– Досега, иако имаше интерес од граѓаните, поради недостапност, односно можеа да се набават само во просториите на ЈПДП, се овозможува можност за избор на оператор што ќе направи мала дистрибутивна мрежа, каде што би им биле подостапни оваа услуга и овие можности и апаратчиња на граѓаните – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
Со законските измени се дефинира терминот „експресен пат“, што е многу важно за изведбата и динамиката на градба на нови патишта.
– Се овозможува и поставување различни алатки, инструменти согласно со Законот, кои може да го забават сообраќајот, бидејќи во Македонија, на делниците кај експресните патишта се наоѓаат многу училишта, болници, градинки, итн., што може да доведе до ризик за здравјето и за нашите граѓани. Исто така, земени се предвид искуствата од сообраќајните незгоди и сметаме дека ќе може да помогне многу при зголемувањето на безбедноста – рече Јаревски.