Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, во телевизиско гостување истакна дека поголемиот дел од проектите од првиот повик од унгарскиот кредит веќе се завршени.
Доградено е речното корито на реката Серава, во завршна фаза е патеката и во сериозна фаза е изградбата на паркот во населбата Радишани, кој ќе се простира на површина од 10.000 квадратни метри.
Во врска со вториот повик, Костовски рече дека очекува да бидат одобрени сите проекти за Општина Бутел затоа што биле исполнети сите потребни критериуми.
– Верувам дека ќе бидат одобрени сите проекти, бидејќи согласно со процедурата што ја налагаше Владата, сите критериуми се исполнети. Тука влегуваат голем број сериозни проекти, меѓу кои носечкиот – конечно Бутел да добие свој плоштад, а на самиот плоштад ќе има еден убав, културен дом. Затворен базен во Радишани, имаме два моста што ѝ се многу потребни на реката Серава, две фасади на нови основни училишта, голем број патна инфраструктура. Овие работи што ги набројавме, верувам дека ќе беа мисловна именка доколку не постоеше овој кредит – дециден е Костовски.