„Поглед кон далечина обоена сино“ – изложба на Дарко Алексовски

16

Во КСП „Центар – Јадро“ во Скопје, на 18 септември, во 20.00 часот ќе биде отворена самостојна изложба на уметникот Дарко Алексовски, насловена „Поглед кон далечина обоена сино“.

– Изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ е замислена како збир од неколку засебни целини кои се развиваат низ неколку тематски истражувања во различни медиуми и форми на изразување. Значаен дел од тоа што во моментов го работам е истражувањето на поимите за утопијата како потенцијална иднина, како постојана недостижност на хоризонтот, но и утопијата како состојба на секојдневјето. Сината е единствената боја од спектарот која не стигнува од сонцето до нас, туку се дисперзира во молекулите низ воздухот – затоа небото е најчесто обоено сино, исто како и атмосферските далечини. Од друга страна, сината како метафора е боја што „доаѓа со времето, со препознавање на меланхолијата, на загубата, текстурата на копнежот, сложеноста на терените кои ги преминуваме, како и годините на патување“. Во оваа смисла, нашите сеќавања, неисполнети желби, временската оддалеченост од минатото, се исто така обоени во сино. Изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ е обид да ги разгледам и претставам овие аспекти на физичките и временските далечини преку лични сеќавања – вистински и конструирани, истовремено, посочува уметникот кон изложбата.

Дарко Алексовски (р. 1989) е визуелен уметник чија уметничка практика се формира на преку работа со слики и креативно пишување. Завршил додипломски и постдипломски студии на ФЛУ, a моментно живее и работи во Велес. Како уметник досега гостувал на неколку резиденциски програми во Виена, Франкфурт, Скопје, Линц, Сплит и Дубровник.

ИЗДВОЕНИ