Пред македонската културна јавност, на 24 септември (среда) во 20:30 часот, романскиот писател Козмин Перца ќе се претстави со поетскиот перформанс „Војна“, во кафе-книжарницата „Буква“. На перформансот ќе му претходи кратко претставување на поетскиот опус на Перца од страна на Никола Маџиров и на Владимир Мартиновски. По перформансот, предвиден е и разговор со публиката, кој ќе го води Роберт Алаѓозовски. Поетскиот перформанс ќе биде изведен на англиски и на романски јазик со употреба на мултимедијални средства: музика, говор на телото и видеофрагменти.

Козмин Перца овој месец престојува на резиденција во Скопје, во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Тој е претставник на Романскиот ПЕН-центар во Балканскиот ПЕН книжевен круг, во чии рамки е активен и Македонскиот ПЕН-центар.

Перца (Марамуреш, Романија, 1982) е поет, романописец, драматург и есеист. Неговите дела се преведени на осумнаесет јазици, а во 2012 година беше избран за најдобар млад романски прозаист. Во последните десет години, тој беше награден со некои од најпрестижните романски книжевни награди. Моментално работи како хонорарен уредник и професор по компаративна книжевност на Универзитетот „Хиперион“ во Букурешт. Има учествувано на голем број книжевни фестивали, како и на СВП.

ИЗДВОЕНИ