„Поетроника за млади“ – Музичко-поетски перформанс со Салпе, Митковски и Петровиќ во „Јавна соба“ 

19

По успешниот пат на уметничкиот проект „Поетроника“, кој со спој на поезијата и на електронската музика создаде нов сценски израз, авторите Оливер Митковски и Андреја Салпе го претставуваат своето ново, едукативно продолжение – „Поетроника за млади“. Настанот ќе се одржи на 29 октомври, со почеток во 20:00 часот, во „Јавна соба“.

– Проектот произлегува од идејата да ги научиме младите да ја сакаат поезијата, не преку книжевни анализи, туку преку живо, современо и инспиративно доживување. Преку музичко-поетски перформанс, поезијата станува блиска, ритмична и разбирлива за генерацијата што расте со звук, екрани и визуелна култура. Првичната идеја беше во рамките на проектот да се реализира настап со српската поетеса Радмила Петровиќ. Од таа соработка произлезе нешто многу поголемо – нова уметничка фузија и сериозна регионална соработка, која го проширува концептот на „Поетроника за млади“ и отвора нови можности за културна размена меѓу младите уметници во регионот – се вели за проектот.

Учествуваат Андреја Салпе, еден од водечките електронски продуценти во земјата, кој создава звучен пејзаж што ја внесува поезијата во современ контекст; Оливер Митковски, актер со впечатлива сценска енергија, кој ѝ дава на поезијата живост и човечка топлина и Радмила Петровиќ, глас на новата генерација балкански поетеси, која внесува свеж поетски израз и искрена емоција што ја поврзува публиката со зборот.

– „Поетроника“ е судир на традицијата и на електронската култура – продолжение на поезијата во звук, во движење, во живо присуство. Тоа е моќта на зборот што не се плаши да звучи – вели Радмила Петровиќ во пресрет на настапот во Скопје.

Со „Поетроника за млади“, оваа тројка создава ново поглавје во културната едукација, покажувајќи дека поезијата може да биде современа, заразна и блиска до младите, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ