Владата на предлог на Министерството за транспорт усвои измени на Законот за градење и Законот за градежно земјиште, со цел да се поттикне економскиот развој, да се подобрат услугите за граѓаните и да се овозможи рационално користење на јавните добра.
Со измените на Законот за градежно земјиште се воспоставува ред во линиската подземна инфраструктура – оптички кабли, телекомуникациски мрежи, водоводни и канализациони системи, гасоводи и нафтоводи – и за прв пат тие ќе бидат впишувани во евиденцијата во Катастарот на инфраструктурни градби, овозможувајќи јасен увид и подобро планирање на нови градби од овој тип.
Дополнително, општините ќе можат да располагаат со градежно земјиште предвидено за Технолошки индустриски зони, со цел полесна реализација на инвестициски планови и економски развој. Законот за градежно земјиште е усогласен и со Законот за урбанистичко планирање за да се обезбеди поефикасно управување со земјиштето.
Измените во Законот за градење предвидуваат регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските компании, што ќе овозможи поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните. Исто така, се подигнува квалитетот на техничките прегледи на градбите од прва категорија преку зголемени критериуми за формирање на комисиите и професионален пристап при спроведување на прегледите.
Овие измени се дел од стратегијата за подобрување на инфраструктурата и создавање услови за развој на современа и ефикасна градежна и телекомуникациска мрежа во државата.












