Дражен Петровиќ остави неизбришлив белег врз своите противници, а еден од оние што сè уште го паметат и на кои им „наби страв во коски“ е и двократниот шампион на НБА со Хјустон, Вернон Максвел. Тој беше прашан во еден американски поткаст за најпотценетите играчи против кои играл, а името на хрватската легенда веднаш му падна на памет.

  • Никогаш во животот не сум видел некој како него. Подобро би играл одбрана против црниот Исус Христос, Мајкл Џордан, отколку него. Ми го направи животот толку мизерен. Постигна толку многу поени. Не можев да го сопрам тој гад. Не смееш ниту сантиметар да му дадеш. Ме излудуваше. Беше кошмар, додаде Максвел.

Петровиќ пристигна во НБА во 1989 година во редовите на Портланд, кој плати 1,5 милиони долари за да го потпише од Реал Мадрид. Тој не доби шанса да игра покрај етаблирани ѕвезди како Клајд Дрекслер и Тери Портер.

Сè се промени во 1991 година, кога беше продаден на Њу Џерси Нетс. Во последните две сезони од својот живот, Дражен постигнуваше просек од 21,4 поени со импресивен процент на шутирање за три поени од 44%. Тој беше на работ на Ол-стар натпреварот и беше избран во третиот најдобар тим во лигата, пред неговиот живот трагично да згасне во сообраќајна несреќа во Германија во 1993 година.

Неговата ненадејна смрт само ја зајакна неговата легенда во Соединетите Држави, која веќе беше огромна во Европа. Нетс го повлече неговиот број 3, а тогашниот комесар на лигата, Дејвид Штерн, најдобро го сумираше неговото влијание. „Тој беше пионер затоа што го отвори патот за успех за меѓународните играчи“.

 

ИЗДВОЕНИ