Поднесена кривична пријава за загрозување на животната средина со отпад

60

Четири  физички и едно правно лице се осомничени за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, поврзано со пожарот што изби во објект на компанијата „Ф-групација“. Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба да се спроведе истражна постапка против нив.

Притоа, Обвинителството обезбедило докази што даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак, реално настапувал и преземал правни дејства во односите со трети лица.

– Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде што формален управител била неговата ќерка, како мнозински коминтент за складирање отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и на подружницата за рециклирање – појаснуваат од ОЈО.

Во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители, кои, како што велат од ОЈО, постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина, вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад.

– Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и на воздухот, односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери – наведуваат од ОЈО .

Третиот осомничен, пак, бил овластено лице – раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање работен однос во правниот субјект, сепак, преземал дејства со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.

– На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад, како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина, утврдена е висока загаденост – констатираат  од ОЈО.

Оттаму додаваат дека имајќи ги предвид дејствата на осомничените и ризиците за постапката, надлежниот јавен обвинител доставил до судијата на претходна постапка предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за другите тројца е побарано определување куќен притвор.

Од ОЈО информираат дека во исто време продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издал наредби за обезбедување докази, по кои постапуваат надлежните органи.

 

ИЗДВОЕНИ