Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК денеска на брифинг со медиумите информираше дека е поднесено обвинение против десет лица за продажба на дрога, најчесто во Аеродром и локали на таа територија. Овој предмет, како што брифираат од обвинителството почнал со 16 лица, од група блиска до Раде Трајковски Штекли, но е постигната спогодба со седум, кои нема да бидат во овој предмет.
Станува збор за сторители на едно до две кривични дела продажба на кокаин во мала доза, за кои спогодбите по признание на вина се затворска казна од 3 до 3,5 години.
Врз основа на прибавените докази во истражната постапка утврдено е дека групата била јасно структурирана и имала строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање, до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа во помали количини дистрибуирана и продавана на нарко-пазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата се предавале на првообвинетиот кој како награда дел од парите им давал на останатите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи.
Членовите на групата користеле мрежа на препродавачи и посредници од кои седуммина опфатени во овој предмет ја признаа вината и се спогодија со обвинителството и притоа добија затворски казни.
Со Обвинителниот акт предметниот обвинител достави и предлог за продолжување на мерка притвор и мерка куќен притвор за обвинетите.