Подгответе се за чекање на граница, најмалку пет минути по патник за биометриски податоци – За две недели ЕУ го стартува новиот систем за влез и излез

157

Според проценките на стручњаците ќе бидат потребни пет минути за обработка на еден патник. Во моментот кога ќе влезете во ЕУ, се креира вашиот профил и секој следен пат само го скенирате пасошот и поминувате. Тоа значи дека на граничните премини при првото поминување кога се земаат биометриските податоци ќе има поголеми гужви од порано. Иако на земјите им е даден рок од шест месеци да се приспособат на новиот систем, многу од нив не се подготвени

 

За речиси две недели, на 12 октомври, стартуваат новите правила за влез во земјите од Европската Унија. Експертите им советуваат на луѓето кои се подготвуваат за патување да се вооружат со трпение бидејќи додека новите правила не станат рутина, ќе создаваат гужви на граничните премини.

Сите земји од Унијата добија рок од шест месеци од почетокот на имплементацијата за да се приспособат на новиот систем за влез и излез (EES), кој важи за граѓаните на земјите надвор од ЕУ кои патуваат во Шенген-зоната за краток престој. Дека се подготвени да стартуваат со системот од 12 октомври најавија Хрватска и Унгарија, а деновиве и Естонија објави дека може да почне со примена. Со ЕЕС-системот, наместо само печати во пасошите, патниците ќе поминуваат низ подетална постапка, која, според некои процени, ќе трае околу пет минути по човек. ЕЕС-системот вклучува биометриска идентификација, што значи фотографирање на лицето, земање отпечатоци од прсти и дигитално регистрирање на лични и патни информации.

– Стручна процена е дека ќе бидат потребни пет минути за обработка на еден патник, што значи дека на граничните премини ќе има поголеми гужви од порано. На земјите им е даден рок од шест месеци да се приспособат на новиот систем, а многу од нив не се подготвени. Унгарија објави дека ќе почне да ги применува новите правила, а и Хрватите велат дека се подготвени. Другите не потврдија дека се подготвени за новиот систем за контрола на граничните премини, па прашањето е дали системот ќе стапи во функција веднаш. Во моментот кога ќе влезете во ЕУ, се креира вашиот профил и секој следен пат само го скенирате пасошот и поминувате, изјави Александар Сеничиќ, директор на Националното здружение на туристички агенции на Србија (Јута) за „Курир бизнис“.

Тој додава дека дури ќе биде можно да се влезе на автоматизирани гранични премини, каде што ќе бидат инсталирани читачи на пасоши.

– Патниците ќе можат да ги скенираат своите пасоши од автомобилот и сами да поминат. Истото е и при напуштање на ЕУ, каде што вашиот профил се препознава со читање на вашиот пасош и се вметнува датумот на напуштање, со што се нотира дека сте ја напуштиле нејзината територија. На овој начин, системот контролира дали некој престојувал во ЕУ подолго од 90 дена, што е дозволено во рок од шест месеци – објаснува Сеничиќ.

На патниците кои ќе одбијат да дадат биометриски податоци нема да им се дозволи влез на територијата на земјите што го применуваат EEС. Целта на воведувањето на тој систем е подобра заштита на надворешните граници на ЕУ и поефикасна борба против нелегалната миграција.

Освен ЕЕС, најавено е и воведувањето на системот ЕТИАС, кој претставува збир на протоколи што ќе бидат услов за влез во ЕУ од 2026 година за граѓаните на земјите кои се ослободени од визниот режим. Овој систем, кој е дел од новата ИТ-архитектура на ЕУ, има за цел да ја зајакне безбедноста во рамките на Унијата и да го олесни патувањето. Иако неговата имплементација беше одложувана неколкупати, Европската комисија објави дека ЕТИАС треба да стапи на сила во последните четири месеци од 2026 година. Тогаш, за да влезат во ЕУ, патниците ќе треба однапред да се најават со формулар што се пополнува електронски и да платат такса, која поради инфлацијата и дополнителните оперативни трошоци од првично предвидените седум, неодамна се зголеми на 20 евра. Добиеното одобрение за влез ќе важи три години.

 

ИЗДВОЕНИ