Започнувајќи од викендов, особено од недела,1 јуни, во Македонија ќе започне приливот на топол воздух со потекло од Африка. Tемпературите значително ќе бидат во пораст, што значи дека, конечно може да очекуваме летни температури на воздухот, соопшти метеопрогнозерот Славчо Поповски.
„ За време на викендот, односно во сабота 31 мај и недела,1 јуни, времето во Македонија ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец и ќе има услови за ретка појава на краткотраен дожд со ретки грмежи.
Во Скопје и околината, за време на викендот ќе започне порастот на температурите на воздухот, а времето ќе биде претежно стабилно, суво и сончево со мала облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец.
Температурите, особено од недела ќе бидат летни и во значителен пораст и ќе се искачуваат во интервалот од 20 до 28 степени. Во Скопје и околината температурата за време на викендот ќе се искачи до околу 27 степени,“ додава Поповски.