Општина Куманово е избрана како еден од 62. региони во Европа што се дел од престижната програма „Pathways2Resilience“, финансирана од Европската Унија за адаптација на климатските промени. Проектот започнува со спроведување овој јануари и ќе трае 18 месеци, односно до јули 2027 година.
– Главна цел на овој проект е да ја зголеми отпорноста на регионите и на локалните заедници кон климатските промени, преку развој и спроведување стратегии за климатска адаптација. Програмата има цел да ја подобри подготвеноста на општините за справување со климатските ризици како што се топлотните бранови, поплавите и сушите, преку интегрирано планирање, размена на знаења и вклучување на заедницата – информираа од Oпштина Куманово.
Со учеството во овој проект, Општина Куманово ќе има можност да изработи сеопфатна стратегија за климатска отпорност, како и акциски и инвестициски план за намалување на негативните ефекти од климатските промени и зголемување на одржливиот развој на локално ниво.












