– Потврдена е определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамките на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот – информираше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој изминатите два дена ја предводеше македонската владина делегација во работна посета на Париз, каде што беа остварени средби со високи претставници на УНЕСКО.
Во објавата на социјалните мрежи, тој додаде дека во фокусот на разговорите била состојбата на Охридскиот Регион, како природно и културно светско наследство, при што била нагласена важноста на континуираното и навремено спроведување на препораките за заштита, со цел зачувување на неговиот статус на листата на светско наследство. Притоа посочи и дека е разговарано за значењето на УНЕСКО во современиот свет, како единствена мултилатерална организација што промовира дијалог и меѓународна соработка во областите на образованието, науката, културата и комуникациите.
Според министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој исто така беше дел од делегацијата, станува збор за прва ваква средба со генералниот директор на УНЕСКО, на која фокусот бил ставен на Охридскиот Регион, како природно и културно светско наследство.
Инаку, посетата на владината делегација од Македонија на УНЕСКО следува откако претходно беше испратен извештајот за состојбите во Охридскиот Регион, што ѝ беше поставен на нашата држава од Комисијата за заштита на културното наследство при оваа светска организација. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, дали ќе бидеме ставени на листата на светско наследство во опасност или не, ќе знаеме во јуни, кога ќе се одржи следната сесија на УНЕСКО, во Јужна Кореја.
Македонија и Албанија имаа рок до 1 февруари 2026 да достават извештаи до УНЕСКО за тоа што е преземено за заштита на Охрид и на Охридското Езеро, со цел да се зачува статусот на светско природно и културно наследство. Во спротивно, Охридскиот Регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност.
Она на што, меѓу другото, најмногу се однесуваат забелешките на УНЕСКО се урбанистичкиот хаос во Охрид и на охридскиот брег, загадувањето на езерото и недоволната заштита на културното наследство.
УНЕСКО тогаш посочи дека „продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот Регион како заштитено наследство“.
Од граѓанското здружение „Охрид СОС“, како реакција на состојбите на терен, потенцираат дека Охридскиот Регион не смее да биде жртва на несоодветно планирање и институционална немоќ.
– Потребни се конкретни, мерливи и веднаш применливи чекори, со вклучување на независната стручна јавност и на граѓанските иницијативи и организации. Природното и културното наследство не смее да бидат жртва на краткорочни економски и политички интереси. Заштитата е заедничка обврска и одговорност кон сегашните и идните генерации доколку навистина сакаме да ја зачуваме неговата исклучителна универзална вредност – посочија неодамна од „Охрид СОС“ за весникот ВЕЧЕР.
Од нивното искуство низ годините, велат, извештаите за состојбата на Охридскиот Регион биле „повеќе маска отколку некој темелен, суштински документ и најчесто се споменуваат активности што започнале, декларативни заложби, но не и одредени конкретни резултати по дадените препораки“.
(Д. Т.)












