Македонскиот ракометен шампион, Еурофарм Пелистер, утревечер (20:45 ч.) ја почнува новата сезона во Лигата на шампионите. Во Битола гостува хрватскиот шампион Загреб, а пелистерци влегоа во новата сезона со нов предводник на клупата, Рубен Гарабаја, кој го наследи својот сонародник Раул Алонсо на ова место. Пред натпреварот, Гарабаја истакна дека со нетрпение чека да ја почувствува атмосферата во Битола, во текот на натпреварите од Лигата на шампионите.
– Загреб е еден конкурентен тим, игра одлично во одбраната, особено во средината. Треба да ја наметнеме нашата игра и да играме како во подготвителниот период. Подготвен сум за атмосферата во Битола, сите ми зборуваат за тоа откако пристигнав и сакам навивачите да уживаат во нашата игра – изјави Гарабаја.
Хрватскиот ракометар Игор Карачиќ, по настапите во Вардар и во Киелце, се врати во хрватскиот ракомет, ја задолжи опремата на најтрофејниот Загреб и ќе биде дел од него на мечот со Е. Пелистер.
– Пресреќен сум што доаѓа овој натпревар. Го завршивме подготвителниот период и периодот на интензивни тренинзи е зад нас. Против Е. Пелистер започнува нашето европско патување, за кое се подготвувавме повеќе од еден месец и се надевам дека успешно ќе влеземе во него. Лично, јас сум многу мотивиран и сигурен сум дека важи тоа и за сите наши момчиња. Се надевам и верувам дека ќе приредиме добра претстава во Битола и ако имаме среќа, би можеле да се вратиме во Загреб со насмевка.
Мислам дека шансите се еднакви, тоа е многу жежок терен и навистина не е лесно да се игра во Битола. Го знам тоа бидејќи играв таму со години. За да се вратиме со посакуваниот резултат, секој играч ќе мора да биде на 300 %. Во споредба со некои претходни години, мислам дека Еурофарм Пелистер е подобро балансиран тим. Навистина ми се допаѓа како е структуриран, има мешавина од младост и искуство и мислам дека е добро покриен на сите позиции – рече Карачиќ.
Утре играат: Алборг – Веспрем, Динамо Букурешт – Спортинг и Магдебург – ПСЖ.