Една од најголемите ѕвезди во борбите со голи раце (без ракавици), Мајк Пери, би можел да ја заврши својата кариера поради големи долгови кон државата, иако имаше година за паметење.

Пери сега се соочува со проблем, зашто по бројните победи и по големата заработка е принуден да исплати повеќе од 800.000 долари за даноци, што предизвика шок кај неговите обожаватели, пишува „Блади елбоу“.

Пери имаше исклучително успешна 2024 година, крунисана со победа над Џереми Стивенс во БКФЦ, но се чини дека би можел да заврши во пензија наместо да се бори за титулата. Своите финансиски проблеми ги сподели со јавноста на социјалните медиуми и на својот поткаст „Овердогс“. На платформата „Икс“, тој објави фотографија од сметка за данок што надминува 800.000 долари, тврдејќи дека тоа е далеку од богатството што му се припишува.

  • Најголемиот грабеж во спортот, мојата сметка за данок, би помислиле дека сум богат. Сè беше испланирано од мојот даночен тим во Мајами. Дојде до голем пропуст. Тренирав сите тие години, ги издржав ударите, крвавев и, на крајот, државата ги добива заслугите. Нема на што, напиша Пери.

Кога еден корисник го праша за детали, тој објасни дека долгот е за една година и дека нешто не е во ред со пресметката.

  • Заштедив околу милион долари за една година, но 37 % помалку од тоа се 629.000 долари, па нешто не е во ред со пресметката, одговори борецот.

Во својот поткаст, Пери зборуваше подетално за сериозноста на ситуацијата. Тој спомена дека неговите финансиски менаџери дури неодамна ги виделе заработките од борбата против Џејк Пол во јули 2024 година, која следуваше по натпреварот во БКФЦ против Тиаго Алвес, каде што заработи загарантирани 600.000 долари. Инаку, борбата со познатиот јутјубер беше со боксерски ракавици.

  • Сепак се пензионирам. Готово е, нема да ми дозволат да бидам богат. Си рекоа: „Богат си, дај ни сè што имаш. Дојде време кога не можам да ги користам моите тешко заработени пари, додаде Пери.

Пери изјави дека ситуацијата настанала поради пропустот на еден сметководител.

  • Некој направил пропуст. Мојот сметководител вели: „Еј Мајк, штотуку ги видовме парите од Џејк Пол“. Како мислиш, штотуку ги виде? Веќе беа таму… Подготвен сум да продадам сè, да извадам сè од банката, да ги скријам и или да одам в затвор некое време или, едноставно, да исчезнам од радарот, заврши нервозно познатиот борец.

ИЗДВОЕНИ