ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО ПРЕДФИНАЛНА ФАЗА: Жешко во партиите – пазари и нервози со поделбата на општините

53

Во полн ек се партиските анализи околу сопствените кандидати за градоначалници и за советници, но и договарањата околу коалициите, изборните соработки и меѓусебното (не)конкурирање во одредени општини за локалните избори. Но, истовремено, партиите од власта и од опозицијата наоѓаат време и за дискредитирање на политичките ривали, при што веќе се навестуваат и главните аргументи со кои двете групации ќе ја водат изборната кампања. Премиерот и лидер на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако веќе упати порака до опозицискиот СДСМ дека, најверојатно, нема да освои ниту едно градоначалничко место, вчера кажа дека постои можност СДСМ, по изборите, и да престане да постои како партија! Одговарајќи на новинарско прашање за последните критики од лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, премиерот рече дека тоа е пример за стратегија која, според него, води кон самоуништување.

– Градиме, се бориме низ целиот свет, а Венко Филипче со една изјава вели: „Јас прифаќам сѐ што ќе ми ставите на маса, само вратете ме на власт“. Тоа не е конструктивност, тоа е рушење. Затоа имаат едноцифрен рејтинг и мислам дека постои сериозна опасност дали ќе продолжи да постои таа политичка партија по локалните избори – изјави денеска Мицкоски.

Владејачката партија веќе објави имиња на 33 кандидати за општински градоначалници, а, според претходните најави, најголем број од кандидатите ќе ги објави до крајот на јули.

– За кандидат за градоначалник на Скопје не би споменувал имиња, бидејќи тоа е наша внатрепартиска процедура. Но, имаме неколку имиња што се предмет на анкети и како што кажав во една изјава, во првата половина на јули ќе биде познат кандидатот и идниот градоначалник на Скопје, кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата – најави Мицкоски.

Тој потврди дека се преговара со политичката партија ЗНАМ за заеднички настап на локалните избори, во смисла на поддршка за градоначалници, додека со советнички листи ќе се настапи самостојно. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во телевизиско интервју рече дека се водат разговори и околу неговата кандидатура за Куманово.

– Се водат интензивни разговори на таа тема и моите очекувања се да се постигне таков договор. Разговорите не се водат само за поддршка во Општина Куманово туку и за други општини во земјава, но ќе причекаме да се официјализира сето тоа – потенцира Димитриевски.

Опозицискиот СДСМ, пак, деновиве се фокусира на Град Скопје, иако сè уште се чека на изборот на нивни кандидат за скопски градоначалник. На седницата на Градската организација на СДСМ за Скопје, лидерот Филипче го обвини премиерот Мицкоски дека тој и неговата партија „го држат градот во заложништво“.

– Скопјани не смеат да заборават дека Скопје тоне четири години поради пропаднатите бизнис-зделки на Мицкоски со Данела Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од Градот четири години немаат друга работа, освен да попречуваат, блокираат и да се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ. Со прст не мрдаат ако немаат личен и политички интерес од тоа. Треба да бидат казнети за ова на локалните избори – истакна Филипче.

Паралелно со ова, најтензични и најнеизвесни стануваат коалицирањата и изборните соработки во албанскиот партиски блок, особено во редовите на опозицијата. Ова особено се однесува на договарањата на „Европскиот фронт“ предвиден од ДУИ, со крилата на Алијанса за Албанците предводени од Зијадин Села и од Арбен Таравари.

Според неофицијални информации, средбите што ги имал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со Села и со Таравари сè уште немаат епилог во конкретната поделба на општините. Извори во редовите на ДУИ укажуваат дека има одредено незадоволство во партијата од тоа што треба да го платат цехот од соработката со Таравари, кој до вчера им бил опонент, со отстапување на градоначалничките кандидатури за Гостивар, Врапчиште и за Сарај. Се смета дека ДУИ има добар кандидат за Гостивар во ликот на поранешниот градоначалник Невзат Бејта и дека тој може да им донесе сигурна победа наспроти кандидатот на Таравари. Освен ова, незадоволство поради соработката со Таравари доаѓа и од редовите на крилото на Зијадин Села, од каде што претендираат на свои кандидати за Струга и за Арачиново. Таквото незадоволство, според истите извори, Села веќе го носи кон соработка со владината коалиција и во која, според истите извори, веќе е со едната нога. Но, преговорите, кои одат тешко, требало да продолжат и викендов, при што нема да биде изненадување ако бидат ставени на маса и другите општини како Боговиње, Теарце, Липково, Желино, Брвеница, Студеничани, Дебар, Пласница…

Од „Вреди“ деновиве соопштуваат дека се ангажирани агенции за испитување на јавното мислење и дека анкетите ќе бидат еден од клучните фактори за избор на најквалитетните кандидати. Пред оваа коалиција е задачата да ги потврди резултатите во општините што веќе ги управуваат нејзини кадри, особено во Тетово и во Чаир, но и да освои повеќе гласови од опонентскиот блок предводен од ДУИ. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ