ПОДЕЛБИ ВО РЕДОВИТЕ НА ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ: По Зелен хуман град сега и независните од Центар, Карпош и Гази Баба ќе прават своја партија

452

Поделби и иницијативи за формирање на самостојни политички партии почнаа да се случуваат меѓу граѓанските организации кои имаат независни советници во повеќе македонски градови. Откако вчера граѓанската иницијатива Зелен хуман град објави дека ќе формира своја политичка партија за да настапат на изборите, синоќа таква намера објавија и три граѓански организации – Шанса за Центар, Независни за Карпош и Зелените Од Гази Баба,

-Со здружување во заедничка формално регистрирана платформа, ќе се бориме против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес. Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби. Во оваа нова платформа веќе се вклучени иницијативите Шанса за Центар, Независни за Карпош, Зелените Од Гази Баба, граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови, а остануваме отворени и за други иницијативи од целата држава – соопштија овие граѓански иницијативи.

Во соопштението се наведува и одредено разочарување поради одлуката на Зелен хуман град.

-Изминатиов период, повеќе граѓански организации – вклучително и Зелен хуман град – разговараа за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап. Сепак, Зелен хуман град одлучи самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно. Ние останатите остануваме верни на вредностите на солидарност, заедништво, инклузивност и доверба – се потенцира во соопштението.

Се додава дека платформата што ќе ја основаат формално мора да биде регистрирана како партија.

-За тоа ќе ни биде потребна вашата поддршка. Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ЗХГ, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов. Во следниот период ќе споделиме повеќе информации во врска со процесот на поддршка и ќе ги претставиме нашите листи и кандидати. Сите граѓани без разлика на градот на живеење, ќе можат да ја дадат својата поддршка за нашата регистрација. Граѓаните заслужуваат избор – но и јасна слика. Ќе настапиме здружено, со чесни луѓе, силна визија и искуство стекнато од теренот. Нашата борба продолжува – отворено, храбро и заеднички – нагласуваат овие организации.

Тие досега делуваа заедно во своите барања во Изборниот законик да се донесат прифатливи услови за учество на независните кандидати на локалните избори. Но, околу тоа се уште не наоѓаат разбирање на парламентарните политички партии кои се уште калкулираат со донесувањето на новите услови. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ