Стратешките енергетски приоритети, зелените инвестиции и унапредувањето на институционалната соработка беа теми за кои разговараше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со Чарлс Кормиер, регионален директор за инфраструктура (транспорт и енергија) на Светската банка и со Џиаокинг Ѕу, директорка на Канцеларијата на Светска банка за Македонија.

Во центарот на разговорите беше гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, проект што Светска банка го оценува како еден од најзначајните за енергетска безбедност и регионална поврзаност. Беше разгледана потребата од воспоставување заедничка институционална рамка со Србија, како и засилената улога на НОМАГАС АД во подготовката на проектната документација и координацијата со меѓународните партнери.

– Делегацијата на Светска банка ја потврди подготвеноста за поддршка на развојот на обновливите извори на енергија, инвестициите во системи за складирање, како и модернизацијата на системите за централно греење во Битола и Скопје – процеси кои директно придонесуваат за почист воздух и енергетска одржливост. Министерката Божиновска ја нагласи централната улога на Фондот за енергетска ефикасност, со акцент на насочување средства кон јавните установи, каде што ефикасноста има најголем системски ефект. Во делот на енергетската сиромаштија, беше истакната потребата од попрецизни и посоцијално таргетирани мерки, како и од забрзано подобрување на енергетските перформанси на јавните и приватните објекти – информираа од МЕРМС.

Посебен сегмент на средбата се однесуваше на постепеното исклучување на електраните на јаглен, и плановите за нови инвестиции во обновливи извори и современи системи за складирање.

– Двете страни се согласија дека транзицијата мора да биде социјално праведна, со силни програми за дообука и преквалификација за вработените во енергетските комплекси. Министерката и претставниците на Светска банка се договорија за зголемена координација, техничка поддршка и редовен дијалог во наредниот период, со заедничка заложба за забрзување на зелената транзиција и создавање стабилен, модерен и одржлив енергетски систем – велат од МЕРМС.

ИЗДВОЕНИ