Владата соопшти дека 12.458 лозари добиле речиси половина милијарда денари по Мерката 1.8, оценувајќи дека поддршката е навремена и континуирана. Опозицијата, пак, обвинува за намалени износи, повисок праг за користење субвенции и носење мерки без објавена економска анализа. Се отвори дебата дали станува збор за системска реформа што ќе донесе повеќе ред и контрола или за кратење што ќе ги погоди малите производители. Додека власта најавува строги теренски проверки и пофер распределба, критичарите предупредуваат на можно продлабочување на кризата во лозарството и во винарството
Празникот Св. Трифун годинава, покрај традиционалните пораки за бериќет и добар род, ја отвори и дилемата дали субвенциите се долгорочна стратегиска поддршка за еден од најзначајните извозни сектори или ад-хок интервенција во чувствителен пазарен момент.
Во пресрет на празникот Св. Трифун, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство им исплати 481.127.667 денари, односно приближно 7,82 милиони евра на 12.458 лозари. Средствата се реализирани по Мерката 1.8 – директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување постојни лозови насади. Од Министерството соопштија дека со исплатата се потврдува посветеноста во развојот на лозарството и најавија продолжување на мерките насочени кон одржливост и унапредување на производството.
Исплатата се совпадна со традиционалното закројување на лозјата во Тиквешијата, каде што симболично се означува почетокот на новата сезона. Од Владата порачаа дека со ова ја завршиле својата обврска кон земјоделците и дека поддршката ќе продолжи.
Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт и врски, од Неготино, Демир Капија и Кавадарци порача дека лозарите со исплатени субвенции ја започнуваат сезоната.
– Ќе продолжиме да го стимулираме земјоделието, се надевам дека следната сезона ќе имаме уште поголеми цени, затоа што трудот мора да се цени и мора да се стимулира домашното производство – изјави Николоски.
Додека Владата уверува дека средствата се навремени и дека системот ќе стане пофер преку контроли и јасни правила, опозицијата бара транспарентност и детални економски анализи за ефектите од новите мерки. Моника Зајкова од ЛДП оцени дека мерките се задоцнети и нетранспарентни.
– На денот кога лозарите го одбележуваат Св. Трифун – симболот на македонското лозарство и винарство – сведоци сме на нетранспарентни и задоцнети мерки – изјави таа од Демир Капија и според неа, одлуката за финансиска поддршка од 10 денари по килограм за веќе откупено винско грозје од сортите Вранец и Кратошија од реколта 2025 е донесена без објавена економска анализа и без јасни критериуми кои субјекти ќе бидат корисници на средствата.
Таа постави прашање врз основа на каква економска, производствена и пазарна анализа е донесена подмерката и кои се очекуваните краткорочни и долгорочни ефекти врз лозарите, винариите и пазарот на вино. Дополнително, реагираше дека според информации од терен, дел од лозарите наместо 52.000 денари по хектар, годинава добиле 42.000 денари, што според неа претставува намалување на поддршката.
– Мора да постојат фер правила и предвидлива политика. Државата не смее да интервенира по завршена берба без јасни бројки и без транспарентност – рече Зајкова.
Со уште поостра реторика настапи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој оцени дека лозарите нема да имаат добри вести оваа година.
– Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата – кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето – изјави Филипче.
Тој тврди дека по суспензијата на ИПАРД-програмата, Владата ја намалува и вкупната програма за субвенции во земјоделството од 140 на 100 милиони евра, односно за една третина. Дополнително, според него, зголемувањето на прагот за минимална површина од 0,2 на 0,5 хектари ќе значи дека малите земјоделци со два или три декари повеќе нема да можат да користат субвенции.
Филипче обвини и дека е намалена откупната цена на грозјето, дека средните винарии се условуваат дел од грозјето да го продаваат на најголемите винарници за да стигнат до субвенции, како и дека се намалуваат субвенциите и во други сектори, меѓу кои и за тутунот.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, ги отфрли тврдењата за кратење и рече дека приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Според него, новина во програмата за 2026 година ќе биде јасна распределба на средствата и засилени теренски контроли, со цел да се спречат, како што рече, „ловци на субвенции“ кои не обработуваат земјоделски површини. Тој најави дека минималната површина за користење субвенции ќе изнесува 0,5 хектари и увери дека исплатите ќе продолжат навремено, како и дека се работи на целосно нормализирање на ИПАРД-програмата.
– Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци ниту, пак, е законски. Затоа, оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина – појасни министерот.
Во неготинско Лепово, свечениот чин на закројување го изврши поглаварот на МПЦ-ОА, Стефан, заедно со Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на Винарска визба „Тиквеш“. Оттаму беше порачано дека иднината на лозарството мора да се гради врз основа на наука, стандарди и економски одржливи насади, со примена на иновации и зелени технологии, особено во услови на климатски промени. Јаневски нагласи дека е неопходна долгорочна стратегија за секторот, креирана во партнерство со винарниците и сите засегнати страни.
(С. Бл.)












